Османи утре во Атина на средби со Коѕијас и Катругалос

од desk2

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи утре ќе престојува во посета на Атина. Предвидено е да се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.


– Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, во вторник на 9 јануари ќе му приреди работен ручек на вицепремиерот на Поранешната југословенска Република Македонија, одговорен за односите со ЕУ, Бујар Османи, по повод неговата посета. Разговорите ќе се фокусираат на европски прашања од заеднички интерес. Господинот Османи, исто така, ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, соопштуваат од грчкото МНР.

Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, утрешната посета на Османи ја коментираат како прва точка од јануарските предвидени активности околу прашањето со името. Во оваа, како што ја нарекуваат „раздвиженост“ на релација Скопје – Атина, ги споменуваат и посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, новата рунда разговори на Нимиц со преговарачите на двете земји и евентуалната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Давос, на маргините на Светскиот економски форум.

Вицепремиерот Османи, пред помалку од 2 месеци, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, рече дека постои позитивен моментум во односите меѓу Скопје и Атина, 2018 е златна година за решение, останувањето пред вратите на НАТО и ЕУ ќе има трагични последици и за земјата и за регионот и носи опасност за зголемување на руското влијание, и дека прашањето за името е итен приоритет за владата.

Новинарката, јавува дописникот на МИА од Атина, тогаш напиша дека Османи е особено оптимист и смета дека е изводливо постигнување конечно решение до самитот на ЕУ во јуни и на НАТО во јули, а вицепремиерот откри дека со шефот на грчката дипломатија имаат речиси секојдневна комуникација.

– Работиме за да градиме мерки за доверба и да им објасниме и на двата народи дека треба да се најде компромис. А ако се најде компромис ќе станеме најдобри пријатели во регионот , бидејќи имаме заедничка европска иднина, рече Османи во интервјуто за „Катимерини“ објавено на 19 ноември, пренесува МИА и додаде дека проблемот со името е тесно поврзан со силни емоции од двете страни и решението нема да израдува ни една од двете страни.

– Се наоѓаме во 21 век каде што отстапките и консензусите се неопходни, впрочем ако сакаме да станеме член на ЕУ треба да научиме да го правиме тоа, објасни Османи и потенцираше дека 2018 е златна година за решение, бидејќи во ниту една од двете земји нема да има избори.

Слични содржини