Османи во Атина на средби со Коѕијас и Катругалос

од Vladimir Zorba

  Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска ќе престојува во посета на Атина, каде што ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и со алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос.

На средбите ќе бидат отворени прашањата поврзани со европските интеграции на Република Македонија и теми од заеднички интерес, соопштија Секретаријатот за европски прашања при макеоднската Влада и грчкото МНР.

Османи во пресрет на посетата на Грција во интервју за Независната балканска новинска агенција-ИБНА, изјави дека таа е во насока на градење на довербата меѓу Скопје и Атина оти само во таква атмосфера е можно да се направи обид за изнаоѓање заедничко прифатливо решение околу разликите за името.

Османи повторува дека наредните шест месеци претставуваат историска шанса за Република Македонија да направи сериозен исчекор во однос на евроатлнтските перспективи при што на домашен план фокусот е на реформите во приоритетните области.

Грчките медиуми, јави дописникот на МИА од Атина, посетата на Османи, пак, ја коментираат како прва точка од јануарските предвидени активности околу прашањето со името. Во оваа, како што ја нарекуваат „раздвиженост“ на релација Скопје – Атина, ги споменуваат и посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, новата рунда разговори на Нимиц со преговарачите на двете земји и евентуалната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Давос, на маргините на Светскиот економски форум.

Македонскиот премиер Зоран Заев, во интервјуто емитувано на Божик, за грчката телевизија Алфа, изрази оптимизам и убеденост дека и двете страни имаат капацитет и можат да најдат решение на проблемот со името до крајот на првата половина на 2018. Заев рече дека решението треба да биде прифатливо и за двете земји, со коментар дека такво решение постои, но избегна да открие детали, за, како што рече, „да не го урниса преговарачкиот процес“.

Инаку, прашањето за името и покрај тоа што не беше главна тема, се најде на дневен ред на вчерашната седница на Грчката влада. Спорот меѓу Македонија и Грција, како што јави дописникот на МИА од Атина, го спомена грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање пред министрите. Тој рече дека постои прозорец за решение, доколку навистина има искрена намера од соседите и додаде дека во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во таа насока.

– Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решение, кое ако се постигне ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока, рече Ципрас во обраќањето пред министрите од неговата Влада.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, според грчките медиуми, за време на седницата на Владата, ги известил министрите за грчките позиции во преговорите за името. Повикувајќи се на свои информации, медиумите во Грција, меѓу кои и државната агенција, како што јави дописникот на МИА од Атина, објавија дека сложено име со географска одредница за севкупна употреба е позицијата што ја претставил Никос Коѕијас.

Слични содржини