Откако им се закани со тужба тргнати билбордите со Меланија Трамп од Загреб

од desk2

Билбордите на кои се наоѓаше Меланија Трамп со пропратен слоган „Замислете колку може да постигнете со само малку англиски“, отстранети се откако нејзината адвокатка се закани со тужба.


Билбордите беа дел од кампањата на приватното училиште за јазици во Загреб која настојуваше да ги поттикне Хрватите да учат англиски јазик, наведувајќи ја како пример првата дама на Америка која е со словенечко потекло.

„Задоволна сум од фактот дека училиштето призна дека го повредиле правото и дека се подготвени да ги тргнат билбордите и рекламите од Facebook. Се уште анализираме кои идни правни чекори да ги преземеме“, вели Наташа Пирц-Мусар.

Таа бара покрај училиштето извинување да упатат и сите хрватски и словенечки државни новински агенции.

„Жал ни е што билбордите се сфатени како намерно потсмевање на првата дама. Нашата намера беше позитивна, сакавме само да ја прикажеме како пример“, вели портпаролот на училиштето Ивис Буриќ.

Призна дека оваа куса кампања била успешна и дека имала голем публицитет во Хрватска, но и надвор од неа.
Меланија е родена во Словенија како Меланија Кнавс, а земјата ја напуштила во деведесеттите години за да направи кариера како модел во САД.

Слични содржини