Јавното обвинителство по барање на поголем број  јавни обвинители одржа состанок на јавните обвинителства на кој присуствуваа раководителите на Вишите и Основните јавни обвинителства од земјава.

C6D381651E7DF244B61C933D8D524821

Барањето за одржување на заеднички состанок, како што стои во соопштението на Јавното обвинителство, произлезе по револтираноста која се јави во јавното обвинителство главно поради постоечката состојба во која работат јавните обвинителства, како и последните случувања кои се последица на донесувањето на новиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

 

На средбата било констатирано дека состојбата во која работат обвинителствата е исклучително незадоволителна, особено по однос на кадровската екипираност.

 

Новиот Закон за кривична постапка ги зголеми надлежностите на јавното обвинителство, но техничката опременост и вработените останаа скоро на исто ниво. Особено незадоволителна е состојбата во Основните јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Куманово, Кочани и Крива Паланка.

 

Незадоволството на јавните обвинители е што и по доставеното барање до надлежните институции за зголемување на бројот на јавни обвинители и јавно обвинителските службеници за 30 насто, досега не е одговорено.

 

Дополнително, состојбата со недоволната кадровска екипираност се влошува со најавениот и можен одлив на јавните обвинители во новото специјално обвинителство, а особено земајќи ги в предвид законските одредби со кои нови јавни обвинители мора да се бираат од редот на завршените кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, што на годишно ниво не е задоволителна бројка.

 

Воедно, на состанокот станало збор и за новиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите според кои специјалната обвинителка достави финансов план со кои предвидува издвојување огромни суми за плати и надоместоци, за кус период , што укажува на високи примања на вработените од тоа обвинителство кои се значително поголеми од примањата на постојниот кадар во обвинителствата.

 

Говорејќи за несразмерните плати и надоместоци, го посочија барањето и потребата за коригирање на примањата на јавните обвинители, кои постапуваат по тешки предмети, каде задолжително треба да се предвидат и надоместоци за ризик, страв и доверливост, адекватни на оние предвидени за специјалното обвинителство.

 

Било побарано да се достави Барање до Советот на Јавните Обвинители, со кое ќе се инсистира на одговор за начинот на кој е составена предлог листата за избор на јавните обвинители во специјалното обвинителство, дали и каде имало објавено оглас и каде се пријавувале заинтересираните кандидати и дали листата е составено според објективни критериуми и кои се тие. Ова особено што за јавните обвинители, предлог листата изразува лични афинитети и субјективни согледувања за квалитетот на предложените кандидати.

 

Присутните јавни обвинители изразија незадоволство од донесувањето на Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите оценувајќи дека на тој начин се става неосновано под сомневање нивното стручно и објективно постапување и во илјадници други предмети, а исто така го оценија новиот Закон како неуставен и повикаа на поднесување Иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд.

 

Тргнувајќи од поставените барања и забелешките дадени на заедничката средба, едногласно беа донесени следните заклучоци:

 

– Да се предложи донесување на Измени и дополнувања на Законот за Јавно обвинителство со кои ќе се овозможи избор на нови јавни обвинители покрај кандидатите од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

 

– Да се предложат измени и дополнувања на Законот за плати на јавни обвинители во насока на надоместоци за јавните обвинители во смисла на надоместоци за ризик, страв и доверливост.

 

– Да се предложат измени и дополнувања на законот за јавно обвинителска служба според кои ќе се овозможат соодветни плати и надоместоци.

 

– Јавните обвинители инсистираат сите предложени Измени да се донесат во итна постапка, се вели во соопштението од прес службата на Јавното обвинителство.

Слични содржини