Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи

spasovski

Оливер Спасовски е новиот министер за внатрешни работи кој согласно Договорот од Пржино доаѓа на местото на досегашниот министер Митко Чавков.

Спасовски е генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, која е најголемата опозициска партија во Македонија. На оваа функција е од јуни 2013 година.

Роден е на 21 октомври 1976 година во Куманово. Основно и средно училиште завршува во Куманово, а дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Работел како адвокатски приправник, советник на градоначалникот на Куманово и секретар во општина Куманово.

Политичката кариера ја започнува во 2006 година кога е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија каде е до 2008 година. Повторно е пратеник од 2011 до 2014 година. Во овој период работи и како претседател на Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина. Член е на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, на Парламентарната група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, Парламентарната група за соработка со Парламентот на Португалската Република и Парламентарната група за соработка со Парламентот на Република Словенија.

Зборува англиски и француски јазик. Оженет е и татко на две деца.

Фросина Ташевска – Ременски – министер за труд и социјална политика

frosina-remenski-540x294

Фросина Ташевска – Ременски е новиот министер за труд и социјална политика која согласно Договорот од Пржино ќе го замени досегашниот министер Диме Спасов.

Родена е на 22 февруари 1977 година во Крива Паланка. Дипломира на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје каде магистрира и докторира, а од 2012 година работи на втора докторска дисертација од областа на безбедноста.

Работела како професор во средно училиште и асистент на Институтот за социологија, од октомври 2004 година до јуни 2007 година работи како асистент на Полициската академија во Скопје, а од ноември 2012 година избрана е за вонреден професор на Факултетот за безбедност.

Добитник е и на државната награда „Гоце Делчев“ во 2008 година за посебен придонес во науката од интерес за Република Македонија, а автор е и на повеќе од 70 научни и стручни трудови од областа на истражувачкиот интерес објавени во домашни и странски научни списанија.

Сопруга е и мајка на две малолетни деца.

Марта Арсовска – Томовска – министер за информатичко општество и администрација

martaArsovskaTomovska-611x320

Марта Арсовска – Томовска е новиот министер за информатичко општество и администрација. Таа досега ја извршуваше функцијата заменик-министер во Министерството за информатичко општество и администрација.

Родена е на 1 март 1973 година во Скопје. Дипломира на Електротехничкиот факултет во Скопје, а во моментот подготвува магистерски труд на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

До 2011 година работи на раководни функции во Првиот интернет провајдер во Македонија и во „Ултра компјутер“. Учествувала во управувањето со систем-интеграторски проекти имплементирани во Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Царинската управа, Управата за јавни приходи…На нејзина иницијатива во 2004 година е реализиран проектот за бришење на Македонија од црните листи на небезбедни земји за интернет трговија и воспоставена е „Култура за интернет безбедност“. Била член и на експертската работна група за подготвување на стратегија за имплементација на FWA/WIMAX електронски мрежи во Македонија.

Од 2011 година е назначена за заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Од јануари 2013 година е член на Големото жири на Светскиот самит за награди кој е организиран во партнерство со Обединетите нации, а од септември годинава е и неизвршен член во бордот на директори на World Summit Awards.

Добитник е на различни признанија, а била избрана и за топ 10 менаџерки на годината.

Одлично ги познава англискиот и јужнословенките јазици, а делумно говори француски и руски./МИА

Слични содржини