Овие избори со помал одзив и со поголем број неважечки ливчиња отколку во 2013 година

од desk4

Впечатливо помал одзив на гласачите и поголем број неважечки ливчиња отколку на локалните избори во 2013 година е регистриран вчера, според неофицијалните податоци од ДИК, изведени од 99,57 отсто досега обработени резулати. Тоа, во светлината на бројките од вчерашните избори, зборува за одреден сомнеж на граѓаните во кандидатите и во нивните партии, а во поглед на резултатите за Град Скопје и дополнителен сигнал на неприфаќае на досегашното раководење на градот во изминатиот мандат.

Табела за неважечки и за одзив

Tака, ако вчера одзивот на гласачите за изборот на градоначалници на општините изнесувал 59,53 отсто, во 2013 година тој бил 64,81 отсто, а во поглед на оние што гласале за советите на општините наспроти 59,56 отсто вчера, во 2013 година одзивот бил 66,98 отсто.

За Град Скопје, одзивот на гласачите за градоначалник вчера бил 60,72 отсто, наспроти 47,2 отсто во 2013 година, што зборува за силна мотивираност на гласачите да го донесат на власт кандидатот што го сметаат за најдобар. Во поглед изборот на идните членови на Советот на Град Скопје, вчера одзивот бил речиси идентичен на одзивот за градоначалник, односно 60,74 отсто, а во 2013 година тој изнесувал 63,95 отсто.

Истовремено, на изборите вчера, со еден исклучок, и бројот на неважечките гласачки ливчиња бил поголем отколку на претходните во 2013 година, што, исто така, дава знак на незадоволство на граѓаните од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, која доминираше во општините во изминатите четири години.

Така, од вкупно регистрираните гласачки ливчиња за градоначалници на општините, 45.181 ливче се неважечки, наспроти 38.787 во 2013 година. Во поглед на гласањето за советниците во општините, вчера имало 51.292 неважечки ливчиња, а 49.954 се регистрирани во 2013 година.

Од гласовите за градоначалник на Град Скопје, 11.177 се неважечки, наспроти 8.851 во 2013 година, а во поглед на гласањето за Советот, има многу помалку неважечки ливчиња во однос на претходите парламентарни избори, односно 13.050 вчера наспроти 15.789 неважечки ливчиња на локалните избори во 2013 година, што исто така ја нагласува определбата на граѓаните на Скопје за поинакво управување со градот.

Слични содржини