Панел дискусија за 25 години од првиот договор за соработка меѓу ДПМ и Сојузот на бугарските писатели

од Vladimir Zorba

Во рамки на 10. Макдонска книжевна визита денеска во Македонскиот културно – информативен центар во Ссофија ќе биде одржана панел дискусија на македонски и бугарски поети и писатели со која ќе биде одбележана 25-годишнината од потпишувањето на првиот договор за соработка меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писатели на Македонија.

Македонската книжевна делегација на визитата годинава ја сочинуваат десетина  поети и писатели од сите генерации, меѓу нив и Радован Павловски, Гордана Михаилова Бошнакова, Ристо Василевски, Георги Барбаровски, Данило Коцевски, Бранко Цветкоски, Кристина Николовска, Иван Џепароски, Братислав Ташковски, Марина Мијаковска и Зоран Јакимовски.

Како што јави известувачот на МИА од Софија, според Книгоиздателството „Макавеј“ кое е организатор на манифестацијата во соработка со КИЦ на Македонија, една од клучните содржини на годинашната визита е и портретот на современиот македонски поет, критичар и  естетичар Иван Џепароски за чие творештво ќе говорат македонските писатели Данило Коцевски и Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на буграски автор преведувач кој значително придонел за афирмација на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е преведувачката и писателка Тања Попова, која во својот опус има десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик.

Македонската книжевна визита вчера беше отворена со поетски митинг на кој во чест на манифестацијата настапија дваесетина македонски и бугарски пистаели и поети. Пред софиската публика со свои стихови покрај македонските автори учесници на визитата се претставија и бугарските автори Петар Караангов, Никола Инџов, Георги Константинов, Надја Попова, Кети Бозукова, Роман Кисјов, Димитар Христов, Николај Шопов, Поли Муканова, Вања Савова и Владимир Левчев. Бугарскиот поет и лауреат на Струшките вечери на поезијата Љубомир Левчев до учесниците на манифеастацијата упати поздравно писмо со порака  дека посакува низ овие средби да ја види иднината на нашите литератури овенчана со уште поголемо духовно почитување. 

Пред присутните на отворањето на книжевната визита се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар Васко Шутаров кој истакна дека за овие 10-тина години се изорани многу нови бразди на препознавање, зближување и вистинско партнерство меѓу двете соседски култури, особено на планот на книжевноста преку создадените десетици и десетици нови пријателства и проекти, нови книги.

Од името на Сојузот на бугарски писатели и од Друштвото на писатели на Македонија кои годинава одбележуваат 25 години од првиот договор за соработка обраќања имаа Димитар Христов и Кристина Николовска.

– Првиот договор кој беше склучен меѓу две културни институции меѓу двете држави по прогласувањето на независноста на Македонија беше догоорот меѓу СБП и ДПМ. Тоа беше еден огромен гест на пријателство во време во кое се слушаа најразлични гласови. Но, тие гласови стивнаа, а пријателството продолжува. Благодарност до сите оние кои во изминатите 25 години, односно во 10-те години од македонската книжевна визита работеа и на свои плеќи го изнесоа она што значи организација, финансирање и откривање на таленти, оти без тие таленти не може да се потхранува едно вистинско пријателство. Голем дел од нив се вечерва тука со нас, рече Христов.

Македонската поетеса Николовска потсетувајќи на јубилејот 70 години од ДПМ, оцени дека воспоставената соработка меѓу книжевниците, преведувачите на двете земји е антологиска со своја длабока порака.

– Ние сите вечерва сме порака и ќе бидеме порака неколку дена, оти конкретни проекти, конкретни вистини и пораки му кажуваме на светот и оти светот е само реплика на големите поезии. Ние го осмислуваме, преосмислуваме светот преку поезија и на најубав начин покажуваме што е тоа синергија во двете грандиозни култури, што е тоа дијалог, соработка, што е тоа златен преплет и како нашите духовни води се преплетуваат заедно. Се поклонуваме пред тие наши најдлабоки соработки пред она што ќе остане милениуми после нас од име на сите проекти, сите манифестации што досега сме ги направиле, истакна Николовска.

Еден од најдаргоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија.

Манифестацијата е поддржана од македонското Министерство за култура.

Слични содржини