Пановски – Треба да врати старата фасада на Владата

од Vladimir Zorba

Мислам дека е неминовно враќање на старите фасади на објекти како „НАМА“, како на објектот на Владата, бидејќи од наша страна би било едноставно кукавички да речеме – во ред е, се потрошија пари за да се направи рефасадирање на Владата и толку, ќе не пишува во книги дека не сме направиле ништо, вели Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Пановски, деновиве најавивте дека архитектите ќе побараат ревизија на проектот Скопје 2014, што би значело тоа?

Не мислиме да правиме некоја класична ревизија, туку мислам дека однапред архитектите, односно Асоцијацијата на архитекти треба да даде свој став што со Скопје 2014. Ревизија како ревизија најверојатно ќе си ја прави некој во зависност кое министерство што правело, најверојатно ќе си има внатрешна ревизија за тие објекти, но не сакаме како архитекти да се случи некој повторно да каже ова ќе го правиме, па ние тогаш да реагираме дали е добро или не е добро, бидејќи ова е сериозна работа, не е дали ми се допаѓа или не ми се допаѓа. Еднаш мора да се разбере нема „за“ или „против“, не би требало да има, бидејќи ова е еден варварски чин кој буквално беше истеран на сила и ние како архитекти мора да заземеме став како струка, значи – да, ќе има јавно дебати, но прво ќе има стручна дебата. Стручна дебата од која би требало да излезе некаков документ, некаква студија, што со тие објекти, за тоа да го направиме треба да ни се отворат вратите да ги видиме објектите. Ние не сме ги виделе, гледаме некои објекти од надвор, а како стручњак не би сакал да оценувам нешто само според надворешен изглед. Повторно ќе кажам, не заземам никаков став дека има добри работи, може има и полоши работи кога ќе влезете внатре, тоа едноставно мора да се види, вака само зборуваме напамет. Кога ќе ги видиме ќе знаеме што официјално да кажеме.

Како може да се поправи штетата од проектот Скопје 2014?

Од она што го гледаме од надворешен изглед јасна ни е целата прикаска, тоа е кич, и тука нема друг збор. Мислам дека е неминовно враќање на старите фасади на објекти како „НАМА“, како на објектот на Владата, бидејќи од наша страна би било едноставно кукавички да речеме – во ред е, се потрошија пари за да се направи рефасадирање на Владата и толку, ќе не пишува во книги дека не сме направиле ништо. Значи ова ќе влезе во историја и веќе е влезено, не е само во наша историја, влезено е и во странска историја како еден преседан во архитектурата и урбанизмот општо во светот. По тоа сме некои лидери сега, но во негативен смисол. Асоцијацијата претходно треба да работи на штетите коишто ги прави Скопје 2014, не како физички изграден простор, Скопје 2014 направи повеќе штети во однос на ценењето на архитектите, во однос на почитувањето на регулативата.

Дали зеленилото ја загуби битката со таканаречената урбана мафија?

Зеленилото мислам дека во Скопје веќе ја има загубено битката и мислам дека ја има изгубено битката не само со урбаната мафија, ако таа постои, туку ја има изгубено со сите нас како граѓани. Ние после 1990 едноставно не сфативме што е заедничко и сè што беше заедничко не се негува и не се цени. Бидејќи сум човек од пракса знам како размислуваат, не се урбана мафија, тоа се граѓани, кога ќе дојде збор за зеленило, а треба да се направи куќа, едноставно сите ќе направат куќа.

Како гледате на безбедносниот аспект при процесот на планирање и изградба на објектите во Скопје. Дали доволно се запазени мерките за заштита на жителите при земјотреси, поплави и при други природни непогоди?

Убеден сум дека во проект сè е задоволено. Што после се случува во градба и уште повеќе што се случува во одржување е дискутабилно. Ако ги одржувате објектите, ако се одржуваат атмосферските канализации нема да се случеа оние работи кои се случија, пак велам дека во проект сигурно дека функционира сè како што треба, сепак станува збор за инженери, не само за архитекти, зборувам и за статичари и за сите други и мислам дека онаа безбедност од земјотреси и такви работи, мислам дека инвеститорите со тие работи не си играат.

Целото интервју со Мартин Пановски за РСЕ може да го погледнете на видео снимката тука

Слични содржини