Ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука за аболиција, вели претседателот Иванов во интервју. Кризата се продлабочува и треба сите партии противници на аболицијата да се обидат тоа да го решат преку Парламентот, велат аналитичарите за РСЕ.

9F3D1E6C-1BF2-4FF0-A0FA-FC2066DC8D78_w987_r1_s
Изјавите на претседателот Ѓорге Иванов за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука за аболиција, не навестуваат дека тој би можел да ја повлече, оценуваат аналитичарите.

Иванов и покрај силното инсистирање на опозицијата, на демонстрантите од Шарената револуција и на меѓународната заедница да ја повлече аболицијата, во разговор за германскиот дневен весник тврди и дека оваа атмосфера на конфликт била дело на Специјалното обвинителство кое истражувало селективно само против владејачката партија.

Според аналитичарот Алберт Муслиу ваквата изјава требала да биде поттик за сите партии кои декларативно велат дека се против аболицијата да се обидат тоа да го решат преку Парламентот на начин со кој би му се одземало тоа право на претседателот.

„Самиот факт што Иванов кажа дека пак тоа би го повторил укажува на тоа дека ние не може да очекуваме дека тој аболициите ќе ги повлече самоиницијативно, така што во меѓувреме губиме време и тензиите се покачуваат во општеството и затоа велам дека ова треба да биде поттик и за Парламентот кој повторно е во сесија овој дел да го регулира со закон и да ја укине аболицијата, дали преку автентично толкување или преку барање од Уставниот суд, на кој било начин, но да не се чека“, вели Муслиу.
Со секое одолговлекување на повлекувањето на аболицијата се продлабочува кризата во земјава, смета и политикологот Митко Гаџовски.

„Ставот на претседателот Иванов е јасен, но тоа не води кон разрешница на ситуацијата во која се наоѓаме, дури напротив сметам дека тоа уште повеќе ќе влијае на продлабочување на истата, особено ако се повтори уште еден бран на аболиција на други личности кои потенцијално би можеле да бидат помилувани“, вели Гаџовски.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини