Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во свое лично име и во име на Социјалдемократскиот Сојуз им го честита на граѓаните на Македонија големиот празник, 24 Мај, денот на словенската писменост и култура.

sdsm-vmro

„Денешниот голем празник, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, претставува потстетник на нивната суштинската и историска улога за македонскиот народ и во создавањето на универзалните придобивки, како што се писменоста, обединувањето и просветлувањето на словенските народи.

Преку својата благородна и просветителска дејност на овие простори, браќата Кирил и Методиј ја направија Македонија лулка на словенската култура и писменост, испишувајќи ги со тоа најсветлите страници од македонската историја.

На овој ден, ја испраќаме пораката дека ќе го вратиме заслуженото место на делото и значењето на сесловенските просветители Кирил и Методиј и нивните ученици, чија голема улога во поставувањето на темелите на јазикот, а со тоа и на културата и на идентитетот, заслужува достојна и непресушна почит од сегашните и сите идни генерации во Македонија.

Исправени пред предизвиците пред коишто се наоѓаме како народ и држава, за враќање на основните човекови права и слободи, денешниов голем празник, преку успешноста на големата мисионерска улога на светите браќа Кирил и Методиј, нека `не охрабри дека посакуваното може да се постигне. За граѓаните на Македонија тоа е надежта дека земјата повторно слободно ќе чекори на патот кон напредокот и просперитетот“.

ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита 24 Мај – Денот на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

– Денес Македонија го чествува празникот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, кои со своето дело се втемелија во великаните на европската и светската цивилизација.
Нивното дело е сеуште живо и остави вечен белег во културата, традицијата и посебноста на сите словенски народи. Нивната света мисија за просветувањето и продуховување на словенските народи во Европа, е само показател за силниот човечки дух и исконскиот порив да се зачува јазичната, културната и идентитетската посебност, се вели во партиската честитка.

Мисијата, како што е наведено, која тие ја започнаа во Македонија се прошири и ја осветли половина Европа и остави неизбришливи траги во светската културна ризница.

– Тоа не прави особено горди и е потврда на нашето европско минато, сегашност, но и иднина. Светлиот пример на сесловенските просветители истовремено е и аманет да продолжиме на патот за обезбедување подобро образование и научна работа, бидејќи тоа е полето на кое ние можеме да се натпреваруваме рамо до рамо со нациите во Европа и светот, стои во честитката на ВМРО – ДПМНЕ.

Слични содржини