Пасивноста на општеството и „малите Ајхмани“

од Vladimir Zorba
Дванаесет години ги делат романот „1984“ од Џорџ Орвел, и делото на Хана Арент „Ајхман во Ерусалим: Банализирање на злото“, во кое таа го елаборира феноменот „Малите Ајхмани“, кој се појавува како резултат на потребата на луѓето да се потчинуваат под притисокот на јавното мислење без способност критички да размислуваат за последиците што може да ги предизвика нивната акција или пасивност.

zoran bojarovski 200x250Дистопистичкиот роман „1984“ од Џорџ Орвел, објавен за првпат во 1949 година, е ремек-дело на политичката сатира и научната фантастика. Во последното дело на овој британски писател е инкапсулирано неговото кредо: отпор кон тоталитаризмот и фашизмот, како и прецизниот, недвосмислен јазик, и чесноста во новинарството.

Главниот протагонист на „1984“ е обичниот граѓанин Винстон Смит, жител на Писта Еден, името кое го доби Велика Британија, откако стана регион на Океанија, една од трите делови на глобалниот диктаторски режим. Режимот е под контрола на опскурниот Голем Брат, кој владее со помош на масовен надзор и без граѓански слободи.

Најзначајна, и доминантна, идеологија во Писта Еден е „Ангсоц“ (во оригиналот Ingsoc, кратенка од „English Socialism“). Една од неговите клучни алатки е „новоговорот“ (во оригиналот newspeak), вештачки создаден јазик кој има за цел да го уништи, или обезличи, дотогашното значење на зборовите и на говорот за да се ограничи обемот на размислување на граѓаните.

Додека не се комплетира мисијата на уништување на смислата на зборовите, режимот го контролира општеството со груба репресија на „зломислата“, која ја спроведува Полицијата на мислата со безмилосен прогон и апсење на сè што мисли поинаку од државата. Винстон е вработен во Министерството за вистина чија главна цел е да ја шири пропагандата и да ја брише или модифицира историјата, како и да ја контролира вистината.

Зошто овој вовед за книга која е толку позната? Од многу причини, а најновата ни дојде есента 2016 година, кога јавноста беше изненадена од фантастичниот факт дека продажбата на романот „1984“ на Орвел во САД, пораснала за неверојатни, незамисливи, 9.500 отсто. Издавачот на романот за Америка, „Пингвин“, соопшти дека само во седмицата, после веќе легендарната изјава на советник на претседателот Трамп, Келијена Конвеј за „алтернативните факти“, отпечатиле 75 илјади примероци од романот. Конвеј, главниот стратег на претседателската изборна кампања на Трамп, оваа изјава ја даде за да го дообјасни портпаролот на Белата Куќа, Шон Спајсер, кога рече дека бројот на присутниот народ на улиците на Вашингтон по повод инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател бил поголем од оној за време на истата церемонија за Обама. „Алтернативните факти“ на Кејлијена Конвеј дополнително ја покренаа жештината на дебатата во јавноста кога многумина од аналитичарите и теоретичарите на политичката комуникација препознаа во овој начин на толкување на фактите елементи од „новоговорот“ од романот на Орвел.

Ќе биде клише ако Орвел го опишеме како визионер, но „1984“ бездруго е морничава најава на ерата на лажните вести. Или на пост-вистината, збор на годината и термин кој официјално влезе во академските кругови и со кој се објаснува феноменот кога фактите стануваат помалку влијателни отколку што тоа се емоциите и личните убедувања. Оваа појава денес ја гледаме во праксата на политичката комуникација од САД до Европа и Мала Азија и Блискиот Исток.

film 1984 blog

Скриншот од филмот „1984“

Секое изразено мислење поинакво од официјалното ќе биде „зломисла“

Феноменот на „алтернативните факти“ или на пост-вистината, оди рака под рака со појавата на организирана и систематизирана дистрибуција на лажни вести. Интересно е дека изворите на лажните вести, оние автентичните извори кои потоа ги дистрибуираат низ организираната мрежа која потоа ги објавува, се веќе докажани афирматори на теориите на заговор.

Во САД еден од нив е Алекс Џонс, симпатизер на идеологиите на екстремната десница, ветеран на теориите на заговор, сопственик на медиуми, и еден од најжестоките апологетици на новиот американски претседател. Џонс е основач на InfoWars, интернет платформа која е прогласена за тврдина на лажните вести.

До каде може да оди лудилото предизвикано од лажните вести илустрира оваа приказна која го вклучува повторно Џонс, како една од алките на синџирот лажни вести за тоа дека Хилари Клинтон е предводник на сатански ритуали во кои вклучуваат педофилија. „Хилари мириса на сулфур“, ќе изјави Џонс во своето слушано радио шоу, кое има и видео верзија на неговата интернет платформа, и ќе додаде дека таа, Хилари, е опседната од демони. Тоа ќе биде доволно, во ресторанот во Вашингтон, каде што наводно се одржувале ѓаволските сеанси со педофилија, да упадне човек со пушка кој одлучил, како што изјавил кога бил уапсен, дека треба „да спроведе сопствена истрага во врска со тие вести“.

За среќа, за време на „личната истрага со пушка“ во ресторанот во Вашингтон немаше жртви заради соодветната интервенција на полицијата.

За жал, во овие глобални феномени свое место има и Македонија. Веста дека малиот град Велес во Република Македонија беше еден од центрите од кои се дитрибуираа лажни вести за време на претседателската кампања во САД го обиколи светот како молња. Дека воопшто не се работи за наивна приказна потврдија бројките. На пример, лажниот текст со наслов „Хилари Клинтон во 2013: Би сакала да видам луѓе како Доналд Трамп да се кандидираат – тие се чесни и не можат да бидат поткупени“, кој ова го пренесува „ексклузивно“ од Велес, собра 480.000 допаѓања, споделувања и коментари на Фејсбук. Тоа е трипати повеќе интеракции отколку оние што ги собра сторијата на угледниот „Њујорк тајмс“, која претставуваше најголемо откритие за кој било кандидат на изборите во САД, а тоа е дека Трамп во 1995 година пријавил огромни загуби од 916 милиони долари, кои потоа, во следните 15 години, ги користел како одбитоци за да не плаќа данок на доход, како што тогаш дозволувале законите во Америка. Резултат: Велес –„Њујорк тајмс“ 3:1.

Набргу овие искуства се применија и за време на изборите во Македонија во декември минатата година, кога медиумите открија два портали регистрирани во соседството. „Сазнајемо.рс“ во Србија и „Ало.ком.хр“ во Хрватска. Овие сајтови биле регистрирани на 15 ноември, имаа објавено идентични три содржини за Заев, Сорос и Хилари Клинтон, а веќе на големо нивните текстови ги споделуваа членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Порталот НоваТВ.мк откри дека зад овој портал стои фирмата „Њу Медиа Ентерпрајз“, регистрирана на улицата „Васил Ѓоргов“ број 24 во Скопје.

Поуките и влијанието на Орвел

Романот „1984“ досега бил земан како урнек за да се толкуваат политичките феномени и на десницата и на левицата. Но, не треба да се запостави еден важен факт кога станува збор за авторот на ова дело – Џорџ Орвел. Тој е проминентен социјалист и демократ и силен поборник на антифашизмот.

За време на граѓанската војна во Шпанија, Орвел дури и со оружје се ставил во редовите на борците против фашизмот, а малку подоцна, кога во Европа започнаа да се препознаваат контурите на сталинизмот, им се придружил и на неговите колеги Мајкл Фут и Анјурин Бивен и во весникот „Трибјун“ ја водеше битката против релативизирањето на опасностите од фашизмот и од екстремниот комунизам.

Длабоките лузни од последиците на ерата на нацизмот и на холокаустот се несомнено видливи кај Орвел во периодот додека го пишувал романот, непосредно после ужасот на Втората светска војна. Романот „1984“ гласно предупреди на она што дванаесет години подоцна Хана Арент го артикулираше како опасност од „банализирање на злото“ во нејзината книга „Ајхман во Ерусалим: Банализирање на злото“. Во таа книга Арент го развива својот концепт според кој нацизмот и холокаустот се последица на пасивното општество кое ги прифати „малите Ајхмани“ кои ги следат наредбите, како и на немоќта на институциите да го заштитат општеството од нив.

Ако се вратиме назад на визионерските редови испишани во „1984“, ќе видиме како Орвел ни објаснува, ни исцртува, дека авторитарниот режим и тоталитаризмот се преобразуваат во фашизам, во нацистичка идеологија, кога користи психолошка манипулација, кога ги обезличува граѓаните и кога пропагира омраза и шовинизам.

Пропагандата што декламира(ше) или е црно или е бело (а белото не е добро), менталитетот „ние против нив“, лажните вести на нацистичките медиуми и прогонот против другиот (во случајот на хитлерова Германија, Евреите), ги создаде Кристалната ноќ и гасните комори во концетрационите логори.

А Орвел во „1984“ предупреди: Човековите права можат да еродираат само преку понижување на самата човештината ако општеството го дозволи тоа.

Зоран Бојаровски  /Res Publica

Слични содржини