Пасошот ми треба оти работам за безбедноста на граѓаните, кажа обвинетиот во „Титаник“ Мунир Пепиќ

од desk2

Мунир Пепиќ, обвинет за злосторничко здружување и за повреда на гласачкото право во случајот „Титаник“ на СЈО, си го побара назад пасошот денеска од Апелациониот суд Скопје, зашто сега бил вработен во Агенцијата за разузнавање и му бил потребен зашто, како што рече, работи за безбедноста на граѓаните на Македонија. Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски на ова пред Судот одговори: „Поради цврстите врски на обвинетиот Пепиќ со граѓаните од Пустец и неговите цврсти врски со Гораните, ова обвинителство бара пасошот да му остане во Судот”.

Одбраната изнесе факти дека Пепиќ се јавувал редовно во истрагата и оти нема основ да му остане оваа мерка на претпазливост, оти тој вршел оперативни работи во странство за безбедноста на Македонија.
„Вака како што е ова барање поставено и според тежината на делата за кои што е обвинет Пепиќ, уште и за шпиунажа ќе одговараме. Нека остане пасошот во Судот, сепак”, побара Бубевски.

Пред него и Киро Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска, кој исто како и Пепиќ, по отворањето на истрагите од СЈО добил трансфер од МВР во Агенцијата за разузнавање, која што е под надлежност на претседателот Ѓорге Иванов, го побара пасошот да му биде вратен. И тој вршел оперативно разузнавачки работи во странство, па му требал пасошот.

„Бидете уверени дека ниедна држава не сака меѓународни активности да има вработен кој е обвинет за злосторничко здружување и повреда на избирачко право“, рече специјалниот обвинител Бубевски./СДК

Слични содржини