Павле Богоевски: Може да сме без Влада и со месеци- ВМРО-ДПМНЕ одбра да ги блокира реформите!

од Vladimir Zorba

Според Павле Богоевски, ќе мора да се испочитуваат сите демократски права на пратениците, за реплика и контрареплика, но јасно е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа право, го злоупотребуваат и немаат свест дека на овој начин ги влошуваат состојбите во општеството. Иако, е можно да прават филибастеринг и кога ќе поминеме на избор на претседателот на Собранието, тоа еднаш ќе заврши. Според пресметките ова може да трае со месеци, изјави Богоевски за нашиот портал.

Во моментов не може да се формира Влада, бидејќи не е завршена конститутивната седница, а таа не може да биде завршена бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ прават класичен филибастеринг , поточно ја блокираат работата на Собранието преку користење на нивното процедурално право на збор, реплика и контрареплика. Сите присутни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, вчера се пријавија за збор, тие си реплицираат едни на други и тој што зборува прави контрареплика, и исто така се пријавува за процедурални забелешки. Според пресметките тоа може да трае со месеци. Влада не може да се избере, бидејќи конститутивната седница, е единствен тип на седница каде што има наведено прецизен редослед на точки на дневен ред кои што морат да поминат. Кога ќе ја завршиме оваа точка, изборот на Комисијата за именување, треба да го избереме претседателот на Собранието. Значи после тоа има уште една шанса за ваков филибастеринг, но тоа е нешто што мораме да го поминеме.

Дали тоа значи дека ќе се остави неограничено долг временски простор?

Не е бесконечно долг простор, но демократско право е на секој пратеник да се јави да збори, да реплицира. Меѓутоа се остава на демократската свест на пратениците да бидат свесни како тоа влијае врз состојбите во општеството. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ одбра да ги блокира реформите, тоа го прават и преку кршење на Уставот, преку настапите на партискиот лидер Никола Грувески, преку односот на претседателот итн., а пратениците се само уште еден дел во рацете на тој механизам. Ќе мора да се испочитуваат сите демократски права, но и тоа ќе се заврши.

(А.В)

Слични содржини