Пазар на недвижности: драстичен пад на цените – до кога?

од desk2

Цените на становите продолжуваат да паѓаат. Ова го потврдуваат и анализата на Народната Банка (НБРМ) и искуствата на агенциите за недвижности. Пазарот е презаситен – на интернет огласниците во моментов се нудат и над 10.000 станови само во главниот град.

НБРМ: драстичен пад на цените

Просечната цена на квадратниот метар се намалила за дури 7% за една година, покажуваат податоците на НБРМ кои се однесуваат на првиот квартал од 2017-та.

Нивните анализи покажуваат дека намалувањето на цените е резултат на драстично зголемена понуда на новоизградени станови при благ пораст на побарувачката. Очекуваат стабилизирање на пазарот.

„Во поглед на состојбата на понудата на недвижности, показателите упатуваат на потенцијално стабилизирање на растот. Имено, во последниот квартал од годината дојде до намалување на изградбата на станбени згради, како и на бројот на издадени одобренија за изградба на станови. На страната на побарувачката на станови не се забележуваат позначајни промени, односно и во првиот квартал продолжи солидниот раст на станбените кредити“ се наведува во кварталниот извештај.

Анализите на НБРМ покажуваат дека има значителна промена на просечната цена на становите во изминатите години. Најевтини биле во 2006-та, цените се зголемувале се до 2010-та кога почнува нивното намалување. Така во 2016-та во однос на 2010-та просечната цена на квадратот била пониска за 15%. Во 2016-та во однос на 2010-та била пониска за 23%.

Агенциите за недвижности очекуваат стабилизирање

Од агенциите за недвижности потврдуваат дека веќе неколку години има намалување на цените на квадратниот метар, но очекуваат ваквиот тренд да сопре.

„Разрешување на политичката криза и општото стабилизирање на државата веќе има влијание, последниов месец имаме зголемен интерес за купување на станови иако состојбата се уште е далеку од онаа пред неколку години“ велат во една од поголемите Агенции за недвижности.

Незвесноста од политичката криза, очекувањата за разрешница и стравот кај купувачите се одрази и на пазарот на недвижности. Трендот на пад на цените на становите што го регистрираше Народната банка го потврдуваат и градежниците.

Над 10.000 огласени станови само во Скопје

На интернет огласниците во моментов се нудат и над 10.000 станови само во главниот град. Сепак, реалната бројка е помала бидејќи често иста недвижност се огласува и директно од сопственикот и од повеќе агенции кои ја преземаат.

Според понудата најевтини стари станови има во Ченто и Топаана, а најскапи во Центар и на Водно. Така, во Ченто има станови со просечна цена за квадрат од околу 500 евра, во Топаана од 600, во Скопје Север 650, во Автокоманда и Ѓорче 700, во Аеродром и Ново Лисиче 850, во Карпош 900, а во Центар и Водно 1.000 евра и нагоре.

ДЗС: 58% од Македонците живеат во куќи, 42% во станови

Според анализите на Државниот завод за статистика 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради. Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.

Најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (пред 1991-та). Помалку од 1% се направени во последните 5 години.

Минатата година биле издадени 3.143 одобренија за градење, од нив 1.938 за високоградба односно за станбени и деловни објекти. Најмногу одобренија по традиција се издаваат во скопскиот регион, а потоа во полошкиот и пелагонискиот.

Во Скопје најчесто се прават двособни станови (во декември лани биле издадени 198 такви одобренија), потоа трособни (181), четирисобни (82), еднособни (34) и петособни и поголеми (19)./Денар

Слични содржини