Пет совети за полесно да се спакувате

од Vladimir Zorba

Пакувањето можеби изгледа едноставно, но за него има правила што патниците најчесто ги учат на потешкиот начин по минати илјадници километри на пат. Ако го изведете стратешки, наместо да талкате по локалните продавници, ќе имате сè што ви треба на дофат на раката.

Еве пет препораки за полесно да се спакувате: како изгледа најдобриот куфер, како да не го преполните, како да се спакувате за на одмор или за деловно патување и – како облеката да не ви се стутка.

1. Колку ви е поголем куферот, толку повеќе ќе го наполните. Наједноставниот начин да го спречите носењето премногу работи е да купите тврд куфер, не поголем од 56 сантиметри (за да може да ви биде и рачен багаж). Цврстата структура на куферот нема да ви дозволи да ставите непотребни додатоци.

2. Избројте си ја облеката. Ако ви треба помош во врска со гардеробата, еве го правилото „5, 4, 3, 2, 1“ за еднонеделно патување: Ограничете се на пет пара чорапи и долна облека, четири маици, три пара панталони, два пара чевли и една шапка. Прилагодете го списокот според вашите потреби. Додадете костим за капење или свечена облека ако ви требаат.

3. Разгледајте го тоа што мислите дека ќе ви треба, а потоа безмилосно отстранете го вишокот. Размислете двапати за сè што сакате да ставите во торбата, па сосема откажете се од тоа што сакате да го земете „за секој случај“. Ако нешто ви затреба, ќе го купите.

4. Размислувајте небаре играте Тетрис. За да спакувате сè во една торба, пополнете го секој дел од просторот. На пример, обувките наполнете ги со чорапи. Потоа, ставете ги чевлите споени прсти со пета на дното на куферот во пластична ќеса за да ја заштитите облеката од валкање.

Како точно да организирате сè во куферот е прашање на личен избор. Еве неколку популарни стратегии:

а) Засукајте ја облеката. Вака ќе добиете повеќе простор и облеката помалку ќе ви се стутка.
б) Користете несесери за пакување. Вака облеката нема да ви се размести и може однапред да ги искомбинирате парчињата.
в) Пробајте ја техниката на ролат. Внимателно завиткајте го секое парче облека околу централно јадро, така што долната облека и маиците ќе бидат во центарот, а поголемите парчиња како јакни и фустани однадвор.

5. Нека течностите ви се на дофат: Козметиката секогаш ставајте ја во проѕирно ќесе, бидејќи никогаш не знаете кога аеродромските службеници ќе посакаат да ја проверат.

Слични содржини