Петер: Инвеститорите не ја напуштија државата во криза, од новата влада очекуваат дијалог

од desk2

„И покрај тешкотиите со политичкиот систем изминатите две години, бизнисмените имаат добро чувство за иднината. Странските инвеститори се стабилни во работењето, некои од нив бројот на вработени го зголемија двојно,“ одговори претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанска комора, Штефан Петер, на прашањето на „Мета“ за влијанието на политичката криза врз инвеститорите.

– Ниту една странска компанија не се повлече. Бизнимените имаат добро чувство и со новата влада и реформи во образовниот систем, странските инвеститори ќе продолжат да инвестираат – вели Питер.

Тој информираше дека во фокусот на работата на Советот на странски инвеститори ќе биде организација на конференција нарачена „Средно стручно образование по мерка на фирмите“ бидејќи, како што истакна, компаниите се соочуваат со недостиг од стручна квалификувана работна сила. Потребни им се квалификувани стручни работници во сите сектори.

Во однос на напуштањето на високо-стручните кадри на земјата, тој истакна дека во земјите каде што заминуваат не им е лесно и не се збогатуваат, а ако се одвоени од семејството, тоа е дополнително тешко.

– Ако не ги образувате на вистински начин, не очекувајте компаниите да ги вработат. Ако не им се даваат фер и правични плати за да живеат со семејствата, се иселуваат – вели Петер.

За платите на вработените во странските компании, тој истакна дека тоа е индивидуална одлука на секоја компанија, но во тој поглед, како што рече, треба да се земе предвид дека многу од компаниите исплатуваат 13 и 14 плата, патни трошоци, оброци и сл.

Во однос на субвенциите што државата ги дава на странските инвеститори, тој вели дека системот на поттикнување е неопходен за привлекување странски компании, а дека друго прашање е колку треба да изнесуваат субвенциите.

– Факт е дека Македонија се наоѓа во глобален натпревар, а ако нема поволни услови во земјата, инвеститорите ќе отидат во друга земја. Бугарија и Србија се директна конкуренција на Македонија – вели Петер.

Од новата влада, странските инвеститори ќе бараат дијалог. Нивните идеи и предлози ќе бидат објавени во следното издание на т.н. „Бела книга“.

– Нашите идеи ги има во „Белата книга“, тие препораки се бесплатни. Другите држави треба да платат илјадници евра за консултации. Добро е да седнеме на маса и да слушнат што мислиме – вели тој.

Зошто не се исполнети дел од нивните барања, Петер упати да се праша владата, но како што рече, секогаш постои можност за подобрување на дијалогот. Наскоро, како што истакна, ќе објават и документ во кој ќе биде презентирана реалната слика за тоа што е побарано, а што е остварено.

На прашањето што ќе се случи ако новата влада ги укине субвенциите, тој изјави дека „не гледа во иднината, туку во минатото кое е побезбедно за него“.

– Ако не постојат субвенции, немаше инвестициите да бидат на ова ниво, така што ова нека биде одговор на прашањето – додаде Петер.

Странските инвеститори вработуваат 50.000 лица, а соработуваат со повеќе од 5.000 домашни фирми.

Слични содржини