Претседателот на ДУИ Али Ахмети во името на партијата, ден по постигнувањето на компромисoт и гласањето во Собранието на Република Македонија, во согласност со проценката на меѓународната заедница од минатата недела, до американскиот амбасадор Џес Бејли и неговите соработници од Стејт департментот и Амбасадата на САД во Скопје, преку писмо изрази благодарност за придонесот во надминување на политичката криза во земјата преку одржување демократски и слободни избори на 5-ти јуни оваа година.

ahmeti-bejli
– Вашите напори и на вашите соработници преку дадениот придонес кон решавање на најсериозната политичка криза со која се соочува мојата земја докажаа дека Македонија и граѓаните на оваа земја имаат посебен и искрен пријател во Вас и САД, стои во писмото од Ахмети до Бејли.

Лидерот на ДУИ во писмото уште еднаш ја потврдува посветеноста кон спроведување на договорот од Скопје, како и тоа дека ќе го продолжат придонесот кон остварување на суштинските реформи што произлегуваат од итните препораки, вклучувајќи ја и посветеноста за изборна атмосфера на која граѓаните слободно ќе гласаат, без заплашување и без условување.

– Овој процес е исклучително важен за нас бидејќи веродостојни и прифатливи избори за меѓународната заедница ќе придонесат и за силно враќање на евро-атлантската агенда, како единствена алтернатива за нашата земја, се вели во писмото, соопшти денеска ДУИ.

САД, нагласува Ахмети во писмото, имаат искрен партнер во мене и моите соработници, бидејќи нашата цел е заедничка, демократска Македонија со владеење на правото и толерантно општество, со здрави меѓуетнички односи и меѓусоседски односи, целосно интегрирана во НАТО и ЕУ./МИА

Слични содржини