По неуспешниот обид за пуч во Турција се приведени повеќе од 15.000 лица, меѓу кои 10.000 се војници, јави Си-Ен-Ен Турк, повикувајќи се на соопштение на министерот за внатрешни работи Ефкан Ала.

Ала наведе дека официјално се уапсени вкупно 8.113 лица и дека сите ги чека судење.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим претходно предупреди дека се уште не е завршена чистката почната по неуспешниот воен удар и дека се можни нови апсења.

download (3)

– Истрага продолжува, има луѓе по кои се трага. Можни се нови приведувања, апсења и притворања, рече Јилдирим за Скај њуз.

Најмалку 246 лица загинаа, а повеќе од 2.000 беа повредени во обидот за воен удар во Турција, што беше изведен на 15 јули.

Јилдирим порача дека Турција е одлучна да обезбеди екстрадиција на имамот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кого турските власти го обвинуваат за обидот за пуч.

– Ги разменивме сите информации и сега оваа задача паѓа на грбот на американската Влада, рече турскиот премиер.

Тој, исто така, призна дека има се посилни барања за повторно воведување на смртната казна за осомничените организатори на пучот, кои Владата не може да ги игнорира.

– Тоа е единствениот глас што го слушаме од сите плоштади, наведе тој. /МИА

Слични содржини