migranti-pruga_01-540x303

Македонија ќе го менува Законот за азил за да спречи да се случуваат трагедии со илегалните мигранти. Со нов член во Законот ќе им се овозможи на мигрантите на легален начин да ја минуваат границата и да престојуваат во земјава се` до нивното заминување на саканите дестинации, пренесе Гласот на Америка.

„По направените сеопфатни анализи и консултации со Високиот комесаријат за бегалци, МВР одлучи да предложи одредени измени во Законот за азил и за привремена заштита, за да го намалиме притисокот што го имаме на зелената граница од илеганите мигранти и да им овозможиме да влегуваат, односно да ги насочиме кон легалните гранични премини. Ова пред се`, е заради водење соодветна евиденција, но и за похуман третман и намалување на ризиците со кои овие луѓе се соочуваат на патот низ Македонија, кон побогатите земји членики на ЕУ“, вели портпаролот на МВР Иво Котевски.

Измените значат, како што наведува тој, „воведување јасна дистинкција во Законот, помеѓу намерата за барање азил и на самата процедура на поднесување на барањето“.

„Тоа значи дека на самиот граничен премин илегалниот мигрант ќе може да изрази јасна намера усно или писмено, на соодветен образец, по што ќе добие соодветен документ и ќе може да се движи, односно ќе му биде дадена насока да се упати кон центрите, или онаму каде што ќе биде одреден дека тој ќе може да го поднесе барањето за азил. Новиот член во Законот ќе предвидува рок од 72 часа лицето да поднесе барање за азил во најблиска полициска станица или во центрите каде што се сместени баателите на азил“, објаснува Котевски.

Тој признава дека изминатиот период во Македонија, којашто пред се` е транзитна, а не крајна дестинација на мигрантите од Блискиот Исток и Северна Африка, е под голем притисок, особено од јужната граница.

Според некои неофицијални информации со кои располага македонското МВР, како што вели Котевски, илјадници луѓе се сместени во кампови и на организиран и на поединечен начин се обидуваат илегално да влезат на македонска територија.

Во измените на Законот, вели тој, Владата се водела главно од тоа дека илегалните мигранти коишто влегуваат на наша територија во потрага по подобар живот, се соочуваат со огромни трагедии – некои ги губат своите животи или ги изгубиле своите најблиски.

„Со ова очекуваме лицата да имаат многу похуман третман кога ќе влезат во РМ, да не мора да ги ризикуваат своите животи, движејќи се по пругите и други опасни места“, додава Котевски.

Според податоците на МВР, само во првите неколку месеци од годинава, 20-тина илегални мигранти ги изгубиле животите на македонските пруги.

Најголемата трагедија се случи во средината на април, кога дури 14 мигранти беа прегазени на пругата во близина на Велес. Последниот трагичен случај беше вчера, кога во близина на Демир Капија бил прегазено 16-годишно момче од Авганистан.

Слични содржини