По заканите од Игор Југ до Груевски, во Шутка се поставуваат блокатори за мобилни

од Vladimir Zorba

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шутка откако од Фејсбук профилот на Игор Југ беа упатени закани до Никола Груевски. Барајќи мобилен во ќелијата на Игор Југ, надлежните вчера не нашле ништо кај него, но биле пронајдени неколку мобилни телефони кај други притвореници, брифираат извори од истражниот затвор за ТВ 24.

По ова управата решила да ги зајакне мерките на безбедност и да постави блокатори на повеќе места, со цел да ја спречи комуникацијата на притворениците преку електронски уреди, која што е спротивно од правилникот, брифираат нашите извори.

Директорот на затворот Александар Наумовски денеска не беше достапен за одговор. Во меѓувреме МВР и обвинителството истражуваат дали заканите кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ биле испратени од Шутка или од некое друго место во име на Игор Југ. Министерот за внатрешни не открива детали.

„Тој процес е во истрага во Јавното обвинителство и не можам да споделувам детали за тоа. Обвинителството ќе постапува согласно законските прописи“ – изјави Оливер Спасовски- министер за внатрешни работи.

Од обвинителството кое го води овој случај нема одговор дали Југ бил однесен на распит во нивните простории за овој случај и дали Груевски како oштетен ќе биде повикан на разговор.

Од профилот на Владо Георгиев Черноземски кој претходно го користеше Игор Југ, му порача на Груевски дека и на пет минути ќе му врати затоа што наводно го наместил него и останатите за крвавото сценарио во април.

47-годишниот кумановец веќе е во притвор за учество во толпа , а од обвинителството кое сега го сомничи за поседување оружје најавија дека ќе бараат ново продолжување на притворот за 30 дена. Југ е еден од учесниците во крвавиот четврток, а српскиот агент Горан Живаљевиќ го обвини дека имал задача да го убие Зоран Заев во Собранието. Оваа информација Југ ја демантираше на својот фејсбук профил.

Слични содржини