Собранието на Република Македонија на денешната 105. седница ја почна расправата по Предлогот за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов, поднесен од пратениците на СДСМ, а поддржан од пратеничката група на ДУИ.

Рената Тренеска Десковска од СДСМ образложувајќи го Предлогот рече дека основната причина за поднесувањето на иницијативата е отсуството на секаква одговорност и арбитрарното однесување на актуелната власт.

Со повлекувањето на дадените аболиции Иванов, како што рече, признал дека згреши и оти неговите мотиви биле теснопартиски, а не државнички. – Затоа, ова Собрание денес е исправено пред тестот на Уставот, пред тестот на граѓаните, но и пред тестот на историјата – дали ќе го врати принципот на одговорност во Република Македонија, рече Тренеска Десковска.

Според неа, денешната постапка за импичмент е всушност враќање на принципите на одговорност, правда и еднаквост. – Одговорност на ова Собрание е дали ќе го одбрани Уставот од противправните акти преземени од претседателот на РМ или ќе остане нем набљудувач на кршењето на овој акт, истакна таа.

Тренеска Десковска нагласи дека принципот на одговорност на највисоките функционери е највисок јавен интерес и, како што додаде, никој не смее да биде над Уставот и законите, вклучувајќи го и шефот на државата.

Претседателот Иванов, според неа, треба да носи одговорност за злоупотребите на својата функција, одговорност за кршење на Уставот и законите во вршење на своите права и должности…

Таа додаде дека претседателот Иванов на 12 април 2016 година даде 107 помилувања на 56 лица, некои лица беа помилување по 16 пати, 13, шест пати итн. – По својата масовност и опфат на лица и дела неговите акти во суштина се амнестија. Тој дури и свесен за суштината на неговите акти во својот говор одржан истиот ден во кој образложува што направил го користи исклучиво зборот „амнестија“. Во тој говор ниту еднаш не го спомна зборот „помилување“ или „аболиција“, туку само зборот „амнестија“. Сите знаете дека амнестијата е во надлежност на Собранието, а не надлежност на претседателот, додаде Тренеска Десковска.

Претседателот на собраниската Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија, Зоран Илиоски рече дека Предлогот за импичмент на Иванов поднесен од пратениците од опозицијата не е основан.

-Повлекувањето-на-срамните-аболиции-да-се-заокружи-со-оставка-на-Иванов

– Комисијата оцени дека Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на РМ, поднесен од група пратеници од 13 април 2016 година, не е основан. Претседателот на РМ Ѓорге Иванов во вршењето на своите права и должности не го прекршил Уставот и законите на РМ, посочи тој.

Илиоски појасни дека Уставот не е прекршен бидејќи во член 84 го утврдува правото на претседателот на Републиката да дава помилување во согласност со Законот.

– Во 1993 година е донесеn Закон за помилување. Во 2009 година дел од овој Закон со Закон за измени и дополнувања на Законот за помилување се извршени измени во истиот тој закон. Во 2016 година Уставниот суд го укина Законот за дополнување на Законот за помилување и според тоа Законот од 1993 година се враќа на сила, со што ова можеме да го поткрепиме, појасни тој.

Потенцира дека никаде во никој закон не е поврзан бројот на амнестирани лица со тоа дали е амнестија или е аболиција. – – Претседателот со поединечни одлуки извадени во „Службен весник на РМ“ со име и со презиме за секој човек за којшто сметаше дека треба да биде на листата за аболиција е донесено поединечно решение. Значи, не е прекршен никаков закон т.е. најмалку е прекршено околу тоа што предлагачите сугерираат дека има дискриминација и некои луѓе се опфатени, додаде Илиоски.

Со измените на Законот кој е донесен во мај, како што рече, претседателот ги повлече аболициите и дополнително секој од аболицираните лица имаше право ако сака да си поднесе барање и на негово барање мораше да му се одговори т.е. да биде тргнат од листата. – Значи, со повлекувањето на аболициите и тезата дека е направена дискриминација паѓа во вода т.е. тоа не се случило, истакна тој.

Во врска со тезата дека се попречува работата на СЈО, како што рече Илиоски, и тоа не држи бидејќи со укинувањето на аболициите СЈО може да работи непречено.

Во врска со обвинувањата на опозицијата за полититичката одговорност на претседателот, Илиоски потенцира дека таа се цени на избори. – Бидејќи претседателот на РМ досега во сите избори коишто се одржале во РМ покажа дека има најголема доверба од граѓаните, 530.000 граѓани гласале за него, сметаме дека политичката мотивираност всушност е од страната на предлагачите за директен напад на институцијата претседател на РМ, додаде Илиоски.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз пред почетокот на расправата рече дека би било во ред претседателот Иванов да присуствува на седницата, доколку сакаат да се води издржана расправа.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски му одговори дека упатил покана до претседателот Иванов да присуствува на седница, но оти нема деловничка пречка за неговото присуство.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека СДСМ денес повторно манифестрира една политичка дволичност и преку оваа иницијатива докажува дека на истиот Устав и на истите закони, но само со различен претседател, СДСМ има различен став.

– Врз основа на истиот Устав и закон СДСМ не реагираше ниту го оцени за неуставно, а далеку од тоа да покрене импичмент амнестирањето на Зоран Заев од страна на претходниот претседател Бранко Црвенковски. Тогаш СДСМ тврдеше дека тоа е уставно, законски и дека е политички исправен потег, а денес го тврди обратното…, додаде Милошоски.

Тоа што беше уставно за Црвенковски според СДСМ, како што нагласи Милошоски, не е уставно за Иванов. – СДСМ бара Иванов како претседател на државата да се појави во Собранието и ние немаме ништо против тоа, но истовремено СДСМ не сака во Собранието да се појави и Катица Јанева која има законска обврска пред Собранието да даде извештај за своето работење, нагласи Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Милошоски, го повикува претседателот Иванов да ја повлече последната аболиција за единствениот политичар во државата Зоран Заев во однос на криминалниот случај „Глобал“. – Не смее да има амнестирани политичари, додаде тој.

Претседателот на Собранието Вељаноски даде редовна едночасовна пауза, а според бројот на пријавени 86 пратеници се очекува седницата да трае неколку дена.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на претседателот треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Република Македонија./МИА

Слични содржини