Почнаа преговорите за Брегзит меѓу ЕУ и Велика Британија

од desk2

Шефот на преговарачкиот тим на Европската комисија за Брегзит, Мишел Барние го означи почетокот на преговорите за излез на Велика Британија од Европската унија, во присуство на британскиот државен серетар за Брегзит Дејвид Дејвис, кој пристигна во Брисел.

– Денеска ги почнуваме преговорите за излегување на Обединетото кралство од ЕУ, изјави Барние, откако му ја стисна раката на Дејвис. Тој прецизира дека целта на оваа прва средба ќе биде определување на приоритетите и на програмата на преговорите. Британскиот државен секретар за Брегзит изјави дека се стреми кон позитивен и конструктивен тон во преговорите.

– Повеќе нешта не поврзуваат, отколку што не разделуваат, додаде тој. Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека преговорите за Брегзит, кои почнаа денеска треба да го подготват теренот за „подлабоко и специјално партнерство“, какво што Лондон сака да одржи со ЕУ. Џонсон пред денешната средба на министрите за надворешни работи од Унијата во Луксембург изрази надеж дека преговорите ќе доведат до „успешна разврска, која ќе биде од корист за двете страни“.

– Најважното сега е да гледаме напред, да мислиме за иднината и за новото партнерство, длабоко и специјално партнерство, кое сакаме да го изградиме со нашите пријатели, нагласи тој. По повод стартот на преговорите денеска се огласија претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани и координаторот на европскиот законодавен дом за Брегзит, Ги Верхофстад, кои уште еднаш ја нагласија потребата да се заштитат граѓаните на Велика Британија и на Европската унија. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, за кој било склучен договор за Брегзит ќе биде потребно одобрение од Европскиот парламент пред тој да стапи во сила. Претседателот на Европарламентот порача дека „позицијата на Европскиот парламент е јасна“, а тоа е зачувување на правата на милиони граѓани на ЕУ што ќе бидат погодени од Брекзитот.

– Треба да ги обезбедиме постигнувањата од договорот од Велики петок за Северна Ирска и во однос на финансиските обврски од страна на британската влада, кои ќе бидат неопходни со цел Европскиот парламент да го одобри договорот за потенцијален излез. Преговорите со детали за повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската унија сега мора да започнат сериозно и очекувам тие да бидат спроведени на уреден начин и во духот на соработката, изјави Антонио Тајани. Координаторот на Европарламентот за Брегзит, либералот Ги Верхофстад, пак, порача дека му е драго што Брисел и Лондон се држат до утврдениот распоред за преговори, кој според него е веќе „многу тесен“.

– Сега, пред се, ни е потребен напредок во областа на граѓанските права и создавање на правна сигурност за нашите луѓе и за нашите компании, истакна Верхофстад. Во април оваа година, Европскиот парламент, со огромно мнозинство, усвои Резолуција во која ги истакнува своите приоритети и услови за преговорите за повлекување на Велика Британија од Европската унија. Пратениците дадоа апсолутен приоритет на фер и еднаков третман за граѓаните на ЕУ и на Велика Британија, но и истакнаа дека Лондон ќе треба да ги исполни сите свои финансиски обврски, вклучувајќи ги и оние кои може да се надминат по датумот на повлекување. Таа сума, според Барние, изнесува околу 60 милијарди евра кои Британците ќе треба да му ги исплатат на Брисел за да добијат Брегзит. Исто така, европратениците истакнаа дека четирите правила на ЕУ за слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе се неделиви и во Резолуцијата порачаа дека „секој преоден аранжман не смее да трае подолго од три години“. Сепак, според најавите, официјалното повлекување на Обединетото Кралство од Европската унија треба да се случи во летото 2019 година, а дотогаш преговарачите треба да завршат со договарањето на сите услови за „мек“ излез на Велика Британија од Унијата.

Слични содржини