Почнува Светскиот економски форум во Давос

од Vladimir Zorba

  Политичари, бизнис лидери, банкари и славни личности од денеска учествуваат на четиридневниот форум во Давос под мотото „Да создадеме заедничка иднина во еден разединет свет“.

Извештајот за глобалните ризици, публикуван од Светскиот економски форум  минатата недела, покажа дека многумина сметаат оти годинава е зголемен ризикот од политичка и економска конфронтација меѓу лидерите.

Според аналитичарите, Доналд Трамп, кој ќе биде првиот американски претседател кој ќе го посети Давос по Бил Клинтон во 2000 година, е причина за голем дел од таа вознемиреност, една година откако е на власт.

Форумот почнува денеска со обраќање на индискиот премиер Нарендра Моди. Се очекува Трамп да зборува пред голем аудиториум, откако минатата година кинескиот претседател Си Џинпин предложи да се пополни празнината во светското лидерство, создадена со повлекувањето на САД.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе зборува пред форумот утре, и ќе предложи своја „дијагноза“ за глобализацијата и ќе ги претстави идеите за борба против растечката нееднаквост, глобалното затоплување и јакнењето на национализмот.

На Макрон ќе му се придружат и германската канцеларка Ангела Меркел и италијанскиот премиер Паоло Џентилони.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер исто така ќе им се обрати на учесниците, враќајќи се на форумот по 20-годишно отсуство.

Меѓу другите присутни лидери на Форумот се и премиерката на Велика Британија Тереза Меј, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и новиот претседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва.

Светскиот економски форум годинава номинираше седум жени за копретседавачи, меѓу кои и шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард и Џини Ромети, раководителка на Ај Би Ем. (IBM)

Форумот годинава вклучува и неколку панели, посветени на сексуалното насилство како поддршка на движењето „Ми ту“ (Me too).

Слични содржини