Град Скопје соопшти дека до денеска пристигнале над 2.600 барања за добивање субвенции за купување велосипед на граѓаните што купиле нов велосипед и се пријавиле на распишаниот јавен повик, со што се исцрпени средствата предвидени во буџетот за оваа намена.


Поради тоа, информираат од Град Скопје, од утре нема да примаат нови барања за субвенции за надоместок на дел од трошоците за набавка на нови велосипеди.

Од Град Скопје посочуваат дека Комисија активно ги разгледува пристигнатите барања, по редоследот на поднесувањето на барањата и изготвува решенија за исплата на средствата на граѓаните коишто ги поднеле.

Со цел да ги стимулира граѓаните во што поголем број да го користат велосипедот како превозно средство, Град Скопје на 13 мај објави јавен повик за надоместување дел од трошоците при купување велосипед, односно средствата што ги надоместува Град Скопје се во износ од 50 отсто од цената на велосипедот, но не над 4.000 денари, нето износ, по лице. За оваа намена Град Скопје одвоил 10 милиони денари.

Слични содржини