Поднесени три барања за утврдување одговорност на судија од почетокот на годината

од Vladimir Zorba

Советот за утврдување на факти до Судскиот совет поднел три барања за поведување постапка за утврдување одговорност за судија, стои во извештајот на Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија за периодот од 1 јануари до 30 септември годинава.

Инаку, Советот за утврдување факти, во првите шест месеци од оваа година постапувал по вкупно 404 предмети, од кои 331 пристигнале во текот на оваа година, а 73 биле останати за работа од претходната 2016 година.

Од вкупнот број на предмети Советот успеал да реши 291, односно биле решени 222 предмети од оние што пристигнале, годинава и 51 предмет од иницијативите што останале од 2016 година. Според извештајот, за 14 предмети иницијативите биле одбиени, а за три било поднесено барање до Судскиот совет за поведување постапка за утврдување одговорност на судија.

Најголем дел од иницијативите што Советот за утврдување на факти ги добил годинава биле за неправилности во работата на судии од Основниот суд Скопје 2, потоа од Основниот суд Скопје 1 и од Основниот суд во Охрид, стои во извештајот на Советот за периодот од 1 јануари до 30 септември оваа година.

Според извештајот, за неправилности во работата на судии во скопскиот граѓански суд до Советот биле поднесени 46 иницијативи, за Кривичниот суд во Скопје – 35, за Основниот суд во Охрид – 24, за Апелацискиот суд Скопје – 21, за Управниот суд – 18, за Основниот суд во Битола – 16 и за Врховниот суд – 11 предмети.

Слични содржини