Политичка хистерија во ВМРО-ДПМНЕ заради губење на власта?!

од desk2

Ние сме под голем притисок од гласачите да не го дозволиме нарушувањето на принципот „победник со победник“, му соопштил Груевски на британскиот министер Данкан. Можната влада на ДУИ и СДСМ ќе ја смета за нелегитимна, пишува Дојче веле.

36527869_302-1

На повидок е политичка хистерија во ВМРО-ДПМНЕ заради губење на власта и изгубената доверба кај албанската етничка заедница, но нивните закани со тензии не може да ги спречат демократските промени. Вака политички аналитичари ги оценуваат најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека партијата нема да седи со скрстени раце, како и бројните шпекулации дека во нејзините штабови се подготвуваат за протести. Дипломатски извори потенцираат дека „тие не се мешаат во одлуката кои партии ќе состават влада, но од оние што ќе останат навор од неа, се очекува да покажат висока демократска свест и зрелост соодветна за демократска држава, во интерес на безбедноста, стабилноста и прогресот на земјата и на сите нејзини граѓани.“

ВМРО-ДПМНЕ: „Неуставен закон за двојазичност“

Ваквите пораки засега стигнуваат до ѕид. Приближувањето до можностаСДСМ да обезбеди потписи за парламентарно мнозинство и да го добие мандатот за формирање влада, ги разбранува духовите во ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на Груевски отворено најавува дека нема да остане без одговор ако СДСМ и ДУИ формираат влада, со став дека таа ќе биде „нелигитимна“ и со намера да донесе „неуставен закон за двојазичност на целата територија“. Никола Груевски, заедно со сопартијците Никола Попоски и Александар Николоски ова вчера го соопштиле на средбата со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан, и со британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет. Најмногу време поминале во објаснување на „можните последици од прекршување на принципот ‘победник со победник’, посочувајќи дека се можни се тензии“.

„Ние сме под голем притисок на нашите гласачи и членството да се бориме и да не го дозволиме нарушувањето на тој принцип, затоа што во основа ние правично постапуваме цело време и сега некој друг не постапува правично кон нас“, посочиле од ВМРО-ДПМНЕ. Како што соопшти партијата, министерот Данкан прашал што ќе се случи ако ДУИ решат да формираат влада со СДСМ и со другите помали албански партии – дали тоа ќе биде нелегитимна влада? На тоа од ВМРО-ДПМНЕ било одговорено: „Во нашето општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада заради нарушениот принцип ‘победник со победник’, а посебно е проблематично што ДУИ преку ова коалицирање сака да издејствува неуставен закон за употреба на албанскиот јазик. Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени. Македонците поради тоа се длабоко фрустирани, особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори“.

На прашањето од амбасадорот Гарет, каква би била реакцијата доколкуВМРО-ДПМНЕ не направи влада со ДУИ, односно кои се следните чекори на партијата за да ја изрази волјата на своите избирачи, од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека „за тоа ќе информираат кога ќе се донесе одлука, како и дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале – не би можело да биде соопштено во овој момент“.

МПЦ бара попис

Молкот на ВМРО-ДПМНЕ околу „долгата листа на чекори“ го пополнуваат други. Македонската православна црква за првпат по двегодишната политичка криза се огласи со соопштение, откако на вчерашната редовна седница на Светиот архиерејски синод (САС) била изразена „голема загриженост за ситуацијата во која се наоѓа македонското општество“.

„САС на МПЦ апелира до политичките лидери да ја зачуваат уставната позиција на македонскиот јазик на територијата на РМ согласно со Уставот. Сегашноста и иднината на Македонија ја гледаме преку сочувувањето на унитарниот карактер на РМ, а за сето ова ни е потребно меѓусебно помирување и национално единство. Стремејќи се кон тоа, нашиот верен народ треба да се раководи и од Евангелските христијански вредности“, соопшти САС.

Но Црквата отиде и чекор понатаму.

„МПЦ цени дека на РМ ѝ е потребен попис на населението кој треба да биде изготвен не заради одземање на нечии права, туку за остварување на придобивките на сите граѓани што живеат во Република Македонија“, се вели во соопштението.

Паралелно со ова, извесно Македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ за денеска во 17 часот во Скопје најавува „Македонски марш – Завет за Македонија“ од Соборниот храм до паркот спроти Собранието.
„Од понеделник МПЗ и со јавен писмен допис ќе се обрати до евентуалните владини коалициски партнери, каде што ќе се бара ЈАВНО да се одговори: што е договорено во Мала Речица! Секој молк или одговор кој нема да е во согласност со македонскиот Устав и законите, ќе биде мотив МПЗ преку протести да ги повика виновниците на одговорност, кои нема да бидат од церемонијален карактер и низ разни облици на побуна секојдневно ќе се вршат легитимни притисоци додека не се повлечат штетните одлуки!“, соопшти Здружението.

Притоа повика на масовност, „за да видат сите – и партии, и странски амбасади, и поединци, со каква сила ќе се соочат ако пробаат да излажат или нешто да подметнат“. На своите членови им порача да дојдат во црна облека. Повикот завршува со мотото „Македонец за Македонец, брат за брат, Македонија на Македонците!“

Дефакторизиран ќе биде криминалот

По ваквите повици и соопштенија, кои уследија по завчерашната изјава на Груевски дека „СДСМ и ДУИ сакаат да направат дефакторизација на македонскиот народ со намера да ја редефинираат Македонија, но дека ВМРО-ДПМНЕ ќе стои цврсто на браникот за одбраната на државата и националните интереси“, вчера се огласи и СДСМ.

„Граѓаните на Македонија застанаа цврсто на бедемот на одбраната на државните и националните интереси кога го избраа концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби. Над 612.000 граѓани го дефакторизираа криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое за свои интереси сака изолација на Македонија. Лагите на Груевски се прочитани. Нема федерализации, кантонизации, редефинирања. Има само очајни обиди за спас од одговорност на власта во заминување. Граѓаните не дозволуваат никој повеќе да се коцка со нивните животи. Тие избраа современа, стабилна и безбедна, праведна и правична, единствена Република Македонија, во која ќе живеат еднакви граѓани пред Уставот и законите“, се вели во соопштението на СДСМ.

Слични содржини