Политичката состојба и економската соработка, теми на разговор на средбата Груевски – Лисјен

од desk2

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со членот на извршниот комитет на партијата, Христијан Мицковски, денеска се сретнале со амбасадорката на НР Кина, Јин Лисјен.

На средбата соговорниците разговарале за актуелната политичка состојба, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања важни за Македонија, како и за соработката на економски план со Народна Република Кина.

– За многу од работите што СДСМ сега ги прифаќа, за време на изборната кампања нè обвинуваше дека ги лажеме граѓаните кога посочувавме дека тие тоа би го прифатиле. Не само што го одобрија тоа во што се сомневавме, туку прифатија и пообемна палета на мерки сместени во една платформа направена во соседна држава, објавени од тамошниот премиер – истакнале од ВМРО-ДПМНЕ на средбата со Лисјен.

Од ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека „целта на сето ова треба да се оствари со помош на СЈО, кое има исклучително политички, а не правни цели“.

– Се покажа дека СЈО се претвори во инструмент за политички прогон, засега насочен кон ВМРО-ДПМНЕ, а во корист на СДСМ и на тие што стојат зад нив во целата оваа операција, но тоа народот го препозна и затоа е огромниот револт кај граѓаните. Истовремено политичкиот инструмент СЈО се насочи и кон притисоци на медуми кои не се под контрола на СДСМ, што е уште еден доказ за задните намери во нивното работење – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнале дека понудиле два можни излези од кризата.

– Едниот е да имаме предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори. Второто решение е можноста што му ја понудивме на СДСМ за да се избегне спроведувањето на тиранската платформа, на СДСМ да се дадат на располагање сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на нивна малцинска влада. Тие досега не го прифатија тоа – велат од ВМРО-ДПМНЕ./Мета

Слични содржини