Понудени, како почестени, па вие видете што ќе правите

од desk4

Одлуката на Апелациониот суд да ги потврди сите решенија за продолжување на притворите за осомничените за учеството во настаните од 27 април минатата година наведува на заклучокот дека Јавното обвинителство располага со втемелени сомнежи, сега потврдени од две судски инстанци, дека излегувањето на некои или барем на повеќето од обвинетите да се бранат од слобода за тешките кривични дела за кои се осомничени може да влијае врз истрагата за комплетирање на обвиненијата.

И само по себе, ова имплицира дека настаните од 27 април не биле спонтани, туку дека биле резултат на организација, на соодветни подготовки, на координација, на располагање со ресурси и на постоење на командни и извршни структури во таквата операција… Јавноста само нагаѓа што има како индиции и докази во обвинителните акти, но самата двостепена потврда на притворите упатува на тоа дека со евентуалното излегување на обвинетите од притвор, дури и ако се исклучи можноста за повторување на делото или за евентуално бегство на некој од обвинетите, сѐ уште ја остава опасноста – што, веројатно, била предмет на главната проценка на судиите – за критично влијаење врз сведоците и врз соизвршителите на таквиот, значи, организиран заговор.

Тоа е, претпоставувам, централниот заплет што ќе се расчистува во текот на судењето, кога судењето ќе започне.

ВМРО-ДПМНЕ своето сегашно политичко делување – бојкот на Собранието и на целокупниот политички процес во државата – го темели токму врз негирањето на втемеленоста на ваквиот обвинителен акт. Тоа е нивно право, но докажувањето на тоа чија верзија на настаните е точна – спонтаната или организирано-криминалната – не може да се изведе низ партиски прес-конференции или со препукувања на фејсбук и низ медиумите, туку само низ судска постапка. Очигледно е, заради компликуваноста, природата и обемот на овој „кривично-правен настан“ дека, и кога ќе почне, судскиот процес ќе биде долг. Ќе трае со месеци, а до правосилноста на пресудите најверојатно ќе треба да се причека и некоја година.

Дури и пред да почне самото судење, ВМРО-ДПМНЕ веќе ги прогласи и обвиненијата и притворските пресуди за „политички“, за „реваншизам“ и на тоа слично. Бездруго, кога ќе стигнат и пресудите, доколку не им се по волја – дури и без разлика на тоа што ќе покажат доказите – тие ќе бидат проследени со истите квалификации и, барем во политичка смисла, ќе бидат прогласени за неважечки!

Бидејќи и по промената на раководството во ВМРО-ДПМНЕ нема знаци за промена на ваквиот политички курс, логично е прашањето која е политичката стратегија на опозицијата за своето натамошно делување, сега и во догледна иднина? Оти, судење ЌЕ ИМА и тоа ќе трае долго – значи ли тоа дека опозиционерите се откажуваат од формално и фактичко учество во работата на државата во наредните неколку години?

Или се надеваат дека, можеби, пред да завршат судењата, повторно ќе им се отвори можност за некакво насилно менување на сегашнава власт, па сето случено и она што допрва ќе се случува да не важи, да се поништи, да се почне „од почеток“, некаде онаа постизборна вечер во декември 2016 г. кога им помина законскиот рок да состават нова влада што тие ќе ја предводат?

Или можеби имаат очекување дека, со некакво претседателско провидение, ќе се стопира овој тек на работите и повторно ќе се впуштиме во авантура на носење одлуки за аболиција? Или нешто слично?

Тогаш, каква е смислата со која опозицијата го оправдува своето седење на седница на Собранието на која се обраќа генералниот секретар на НАТО? Тој господин, како и ЦЕЛАТА меѓународна заедница, ја третира сегашната власт во Македонија како легална и легитимна и токму затоа интензивно ѝ се обраќа во овие пресудни времиња за Македонија, меѓу другото, и со праќање на Столтенберг да држи говор во Собранието на државата. Ако го почитуваш Столтенберг и НАТО, како ја негираш легитимноста на власта на која тие, со демонстративна поддршка, ѝ се обраќаат?!

Зборот ми е, ја разбирам фрустрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и нивното демократско право да бојкотираат, но оваа политика на бојкот ќе мора наскоро да ја менуваат, оти во неа нема политика, туку само тврдоглав инает и недораснатост на предизвикот со кој се соочуваат.

Штетата од тоа е општа (и растечка), ама за нив, секако, најголема. „Понудени, како почестени“, па вие бирајте што ќе правите. Бидејќи, Македонија е тргната напред, со сите подеми и падови на новата власт, и враќање назад нема.

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа

Слични содржини