Попоски: Грција спорот на името ни го наметнува од позиција на сила

од Vladimir Zorba

 Не би можел да судам за важноста на една таква средба знаејќи дека ова е спор кој трае повеќе од две децении и не мислам дека било која средба која се случила била толку историски важна или клучна за да можеме да пресудиме веднаш после неа што и како, изјави во Отвореното студио на ТВ Нова поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски за последната средба меѓу Нимиц и Коѕиас.

Попоски вели дека тоа е дел од еден процес кој ни е наметнат и на кој сме обврзани во рамки на Обединетите нации и смета дека постои конзистентност од грчка страна.

„Со Грција барем знаете на што сте. Нивниот став е: Нас не нѐ интересира дали вие мислите дека е принципиелно, непринципиелно, добро или лошо ова наше барање кое го имаме доставено до вас, и тоа е спорот за името, ние едноставно ви го наметнуваме тоа од позиција на сила“, вели Попоски.

Тој напомена дека Грција е крајно комотна, и може уште 30 години да продолжи со истата методологија и впрочем тоа го има направено во други прашања, многу покомплексни, многу почувствителни, како кипарското.

„Цената на чинење за Грција на траење на овој спор е речиси никаква. За Македонија тоа е прашањето да се биде или да не се биде од независноста наваму, кое нѐ следи и кое ни е еден товар кој си го носиме, бидејќи поради истото нѐ држат надвор од НАТО и поради истото не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ и покрај тоа што имаме препораки од 2009 година“, рече Попоски.

Според Попоски, очекувањата на Грција не се променети низ годините.

„Долгорочната линија е: Вие плаќате цена, ние не плаќаме. Вие треба да правите отстапки, ние не“, вели Попоски./ТВ Нова

Слични содржини