Попоски: Мигрантската криза треба да се реши на изворот

од Vladimir Zorba

poposki-on-860x680

Долгорочното справување со мигрантската криза значи решавање на проблемот во земјите кои се извор на мигрантскиот бран, порача вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во своето обраќање на тематската сесија за причините за миграција во рамки на Самитот за справување со големите движења на бегалци и на мигранти на отворањето на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

– Ако краткорочното справување со мигрантската криза подразбира успешно менаџирање на границите и обезбедување хуман третман на мигрантите, долгорочното справување подразбира решавање на темелните проблеми дома, во земјите извор на мигрантските бранови. Тоа значи создавање на квалитетен образовен систем, можности за вработување, квалитетно здравство, инфраструктура, подобрување на квалитетот на животот итн. Ако луѓето се чувствуваат среќни дома, поретко би се одлучиле да мигрираат – рече Попоски.

Според Попоски, Агендата 2030 за одржливи развојни цели, како и Парискиот договор за климатски промени нудат можности за адресирање на различните аспекти на причините за миграцијата. Тој, исто така, изрази поддршка за создавање глобален договор за безбедна и регулирана миграција во рамките на Обединетите нации.

Попоски рече дека справувањето со причините за миграцијата подразбира лидерство и партнерство помеѓу меѓународните организации и институции и помеѓу земјите-членки, посветеност за ефективен и за ефикасен пристап кон проблематиката и активна вклученост.

Како што соопштуваат од МНР, мигрантската криза била предмет и на работниот состанок на министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан, во организација на австрискиот министер Себастијан Курц, на кој присуствувал и еврокомесарот Јоханес Хан. На состанокот се разговарало и за евроинтегративниот процес на државите-кандидати, борбата против тероризмот и потребата од превенција од насилен радикализам.

Попоски, како што се наведува во соопштението, присуствувал на средбите на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и со премиерот на Норвешка, Ерна Солберг./Meта

Слични содржини