Колумна на Катерина Блажевска објавена во Призма

 

Во време кога се бара подобрување на медиумските состојби, ме фрапира дрскоста за нарачани лустрации на новинари кои имаат единствена цел – макар и на еден ден да го оттргнат вниманието од содржината на разговорите кои комплетно го лустрираат однесувањето на владејачката елита.
Лустрирајте новинари! Така, наводно, гласела дискретната наредба до Комисијата за верификација со фактите, поточно до едно лице во неа. Другите можеби ќе сфатат дека има некаков систем, кога на маса сѐ почесто ќе им бидат сервирани „материјали“ за новинари.

Да не бидете во заблуда: нема да се лустрираат новинари што не можат да заспијат без долги ноќни телефонски разговори со директорот на тајната полиција, што реферираат кој колега пие, кој се здебелил, кој што работи, кој со кого е близок или новинари кои сугерираат кој треба да се апси, кој преку кого треба да се притисне…Тоа не е кодошење или соработка со службите, туку искрено и целосно неусловено пријателство без грам политички или материјален интерес.

Ќе се лустрираат новинари кои критички ја опсервираат власта. По список, во тефтерче, можеби и со бројче, а на секој од нив еден ден ќе му дојде редот. Врз основа на ваквото сознание, како и врз речникот од досега презентираните аудио-снимки, направив сопствена проекција како би изгледал еден разговор на таа тема меѓу актерите на тој договор, соговорниците 1 и 2.

С1: Ало, како оди работата?

С2: Тешко. Цела архива ја пребаравме, ништо не најдовме.

С1: Ако тргнете со ваква негативна енергија, никого од тие говеда нема да можеме да лустрираме. Позајмете нешто од некое друго досие, од некаде кај што се совпаѓаат иницијалите. Утре, ако се покрене некоја постапка, ќе речете – прашајте ја архиварката зошто ни дала погрешен документ. Важно е сега да ги оцрниме. Да покажеме дека и новинарството се претера…

С2: Добро. А кој да биди прв?

С1: Ти текнува ли на времето кое море го викавме ‘наше море’? Фокусирај се на тоа. Ме сфати нели? Фокусирај се!

С2: Аха, разбрав… Договорено.

Разговорот – е моја проекција. Секоја сличност со реални лица е случајна. Вака некако го замислив тоа полушифрирано мрморење во стилот на она со „сеат ибица“. Но едно со сигурност знам: ова што решиле да го сеат, нема да нѐ однесе на Ибица, туку на „ивица“. На работ. Знам дека многумина ќе се однесуваат дека ништо не знаат, дека не се од овде, дека Комисијата е самостојна и автономна во одлучувањето, ќе глумат „неверни Тома“.

Додека ЕУ повикува на враќање на политичкиот дијалог, функционалност и независност на институциите и слобода на медиумите, во заднината ќе се спроведува една монструозна постапка со цел да им нанесе удар на сите оние кои не се согласуваат со владините политики.

Проблемот е што мета ќе бидат професионални новинари, чија критичка острица не била насочена ексклузивно кон оваа, туку кон сите претходни гарнитури. Новинари кои досега не успеале да ги уништат со купишта тужби, отворени и суптилни притисоци, кои со години јадат горчлив новинарски леб, но и покрај тоа, не се откажале ни од професијата, ни од нејзините стандарди, ни од личната етика.

А тоа некаде создава прилично нервоза. Не ме теши фактот што веќе никој не ја третира лустрацијата како релевантен процес, со оглед дека досегашната практика понуди прилично докази дека таа е длабоко искомпромитирана и инструментализирана за персонална пресметка на власта со оние кои ги смета за опоненти.

Жртви на верификацијата, односно на манипулацијата со фактите досега беа десетици и десетици угледни граѓани без никаква дамка. Добија „решенија“ не врз основа на факти, туку врз основа на толкувања „вака и онака“, зависно од потребите, од растегливоста на критериумите и од политичката конјуктура во тој миг.

Она што ме загрижува не се решенијата што ќе излегуваат како од некој џубокс, по секое наменски притиснато копче. Ме фрапира намерата за последната пресметка со медиумските критичари на власта, во време кога се бара подобрување на медиумските состојби, крај на пропагандното новинарство и на владејачка контрола врз медиумите.

Ме фрапира дрскоста за нарачани лустрации кои имаат единствена цел – макар и на еден ден да го оттргнат вниманието од содржината на разговорите кои комплетно го лустрираат однесувањето на владејачката елита, нивното преземање на медиумите, нивните нарачки и кадровскиот инженеринг за потребите на пропагандата. Ме загрижува фактот што не постои искрена волја за подобрување на состојбите. Напротив!

Бидејќи во понеделник во Брисел ќе се реализира првиот обид за враќање на дијалогот меѓу власта и опозицијата, време е и новинарите да ги лустрираат лажните заложби за враќање на каков било дијалог и да покажат дека тоа е невозможно без слобода на медиуми.

Сè што лажно ќе се промовира во Брисел, мора да биде масовно демантирано пред зградата на делегацијата на ЕУ во Скопје. За тоа демаскирање, во најголема мера ќе помогнат и „решенијата“ што ќе почнат да излегуваат од Комисијата сместена на 17-иот кат во зградата на МРТВ. Тој чин не смее да остане без новинарски одговор.

Слични содржини