Последниот ден на Јохан Штраус…

од Vladimir Zorba

На денешен ден  25 септември  

1493.- Шпанскиот морепловец од италијанско потекло Кристофор Колумбо испловил од пристаништето Кадис на второто патување во Новиот свет, кој го открил во 1492 година.

1513.- Шпанскиот истражувач Васко Нуњез де Балбо го поминал Панамскиот канал и станал првиот Европјанин кој го видел Тихиот Океан.

1555.- Со мирот во Аугзбург германските протестантски земји правно се изедначиле со римокатоличките држави.

1744.- Роден е прускиот крал Фридрих Вилхелм II, кој во текот на владеењето од 1786 до смртта во 1797 година спроведувал политика на територијално проширување на земјата.

1825.- Меѓу Дарлингтон и Стоктон, во Велика Британија, била пуштена во сообраќај првата железничка линија за јавен сообраќај. Овој ден се смета за почеток на историјата на железниците не само во Верлика Британија туку и во светот.

1849.- Во Виена умрел Јохан Штраус постариот, австриски композитор, татко на популарните виенски композитори Јохан, Јозеф и Едуард. Покрај Ленар, тој е најзаслужен за популарноста на виенскиот валцер во почетокот на 19. век. Роден бил во Виена, на 14 март 1804 година.

1866.- Роден е американскиот биолог и генетичар Томас Хант Морган, основач на генетиката, добитник на Нобеловата награда за мир  во 1933 година за откривање на функцијата на хромозомот во пренесување на наследните својства.

1897.- Роден е американскиот писател Вилијам Фокнер, добитник на Нобеловата награда за литература во 1949 година. Дела: „Сарторис“, „Светлина во август“, „Комарци, „Диво племе“, „Старец“ и други.

1903.- На врвовите Гандач и Гола Чука, на Пајак Планина, четите на македонските војводи Апостол Петков и И. Карасулијата воделе жестока борба против турската војска, нанесувајќи и загуби од 180 загинати, а тие самите дале само една жртва.

1906.- Роден е рускиот композитор Дмитрија Дмитријевич Шостакович. Ја напишал монументалната „Петта симфонија“, а во најтешките денови на германската блокада на Ленинград во Втората светска војна „Седмата (Ленинградска) симфонија“. Останати дела: „Нос“, ораториумот „Шумите пејат“, симфонии, концерти, камерна музика.

1943.- Во Тирана умрел Нико Нестор, еден од најголемите раководители и борец на народноослободителното движење во Струга и Струшко.

1946.- Во Скопје било основано Работничко културно-уметничкото друштво “Кочо Рацин”. Друштвото го формирал Месниот синдикален совет на Скопје, со цел да ги обедини работниците и службениците заради развивање на културно-просветната дејност.

1956.- Во употреба бил пуштен првиот трансатлантски телефонски кабел, поставен помеѓу Обен во Шкотска и Њуфаундленд во Канада.

1960.- Во Охрид почнало снимањето на „Мирно лето“, прв долгометражен филм во режија на македонски автор, режисерот Димитрие Османли, а во продукција на „Вардар филм“. „Мирно лето“ истовремено е и првата и долго време единствена филмска комедија во Македонија.

1970.- Умрел Ерих Марија Ремарк, германски писател, голем противник на војната и на нацизмот. Во 1932 година од Германија емигрирал во Швајцарија, а потоа во САД. Се прославил уште со својот прв роман “На запад ништо ново”, во кој прикажал еден период од Првата светска војна. Други негови дела се “Тројцата воени другари”, “Триумфална порта”, “Искра на живот” и други. Роден бил во 1898 година.

1973.-  Американскиот вселенски брод „Скајлаб 2“ се спуштил на Пацификот со тричлен екипаж, кој помина 59 дена околу Земјата.

1992.- Москва и Вашингтон дозволиле слободно патување на руски и американски новинари и бизнисмени кои работат во Русија, односно во САД.

1994.- Швајцарците на референдум го одобриле планот на владата за донесување закон против расизмот.

1999.- Во Скопје, во издание на НИП „Нова Македонија“, излезе првиот број на дневниот весник „Скок“.

2000.- Во Скопје, првпат од отворањето на Центарот за трансплантација при Клиниката за хематологија, биле изведени првите две пресадувања на коскена срцевина во Република Македонија./МИА

Слични содржини