Повик до ВМРО ДПМНЕ ! Откажете се од бесмислените дискусии!

од Vladimir Zorba

 Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев пак ја повика опозицијата да престане со блокирање на расправата за разрешувањето на Марко Зврлевски.

Денешното продолжение на седницата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски продолжи по стар терк, со меѓусебни реплики и контрареплики на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев пак ја повика опозицијата да престане со блокирање на расправата за разрешувањето на Зврлевски, бидејќи, како што кажа, расправата е безмислена и заличува на бурлеска.

„Ние не учествуваме во бесмислена расправа. Ова е бурлеска. Членот 8-а од Изборниот законик се однесува за вработување или за престанок на работниот однос, а не за разрешување или именување на функционер. Во случајот со Марко Зврлевски не се работи за престанок на работата. Тој само се разрешува од функцијата државен јавен обвинител, не му престанува работниот однос, тој си продолжува да биде обвинител. Ова многу ми наликува на април и затоа барам да се прекине со бесмислените дискусии и да се разреши Марко Зврлевски за да се овозможат реформите во судството да почнат“, рече Тунтев.

Илија Димовски му реплицираше на Тунтев дека почитува што се откажале од дискусиите за Зврлевски, но и за Договорот со Бугарија, за депонијата во Струга.
„Не се откажавте од разрешувањето на директорите, не се откажавте од незаконските систематизации по институциите. Не се откажавте од ставање на директори со антидатиран датум, ги именувате по распишувањето на изборите, а ставате датуми дека тоа е направено пред тоа“, рече Димовски.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Пратениците од мнозинството во Собранието најавија дека ќе се откажат од нивните говори со цел побрзо законски и легално да биде разрешен Зврлевски и да биде избран нов државен јавен обвинител за да почнат реформите во правосудството.

За пратениците од опозицијата барањето е неосновано и неаргументирано. Тие се повикуваат на членот 8а од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се распишани избори. Согласно тоа, порачуваат, нема можност за разрешување на Зврлевски пред 16 октомври

Собраниската расправа во рамки на шестата седница за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски ќе продолжи утре.

Слични содржини