Повредени се 27 македонски туристи во превртениот автобус меѓу Велес и Скопје

од desk2

Дури 27 лица се повредени откако автобус со 44 патници вечерва околу 19 часот излета во близина на велешката патарина на автопатот кон Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи. Повредените се пренесени во болници во Велес и во Скопје.

Директорот на Ургентниот центар во Скопје Илир Хасани изјави дека на Ургентниот центар се примени околу 10-тина повредени. Починати засега нема, а една жена е во шок соба, со повреди на белите дробови, натколеницата и потколеницата.

“Останатите пациенти се уште ги прегледуваме за да видиме за какви повреди точно станува збор, и сега не би можел да кажам колку од нив ќе задржиме и во каква состојба се“, вели д-р Хасани.

Во поранешна Градска болница во Скопје се примени шест пациенти кои што се во фаза на испитување, од кои еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот.

Д-р Иван Спировски, директор на оваа болница изјавил дека тројцата пациенти што ги задржале се во посериозна здравствена состојба, со скршеници на горните и долните екстремитети и дека се повозрасни.

“Засега се свесни и не се животно загрозени. Но, однапред не можам да кажам како ќе се одвива нивното закрепнување, бидејќи правиме дополнителни испитувања. За другите тројца се уште се во тек прегледите и не можам да кажам дали ќе ги задржиме во болница или ќе ги пуштиме на домашно лекување“, вели д-р Спировски.

ОБНОВЕНА Најмалку 20 повредени во сообраќајката кај Велес- Фото

Во Велешката болница се примени осум лица. Во болницата е мобилизиран целиот медицински персонал.

Полицијата ја коригираше првичната информација дека станува збор за грчки автобус и пред малку МВР сооопшти дека автобусот е на „Бус Травел“ ангажиран од „Савана турс“. Автобусот враќал македонски туристи од одмор во Грција. Дознаваме дека биле од одмаралиштата на првиот крак на Халкидики.

Сообраќајот на автопатот Велес–Скопје од Штипската клучка се одвива по една коловозна лента поради сообраќајната несреќа.

Слични содржини