Повторно ТВ патриотизам! Уставниот суд ја закажа првата седница по одморите: СЈО не е, ама крстот е на дневен ред

од desk3

Уставниот суд денеска го објави дневниот ред за првата седница по двомесечната летна пауза, закажана на 28 септември во 9 часот. На седницата, како точка на дневен ред ја нема иницијативата за оценка на уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство, но ја има иницијативата за поставувањето на крстот во Бутел.

Иницијативата за оценување на уставноста на СЈО беше поднесена во судот пред десет месеци, но досега не се најде на дневен ред на седниците на Уставниот суд. Оваа иницијатива беше едно од клучните барања на „Шарената револуција“ и на опозицијата.

ustaven-sud-860x6701-860x6701-860x670

Ова прашање се најде и во договорот од 20 јули меѓу политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино. Во него е наведено дека треба да се поддржи Специјалниот обвинител, а во случај Уставниот суд да одлучува за неговата уставност, четирите партии треба да го усогласат законодавството со одлуката на судот во рок од пет дена.

Четирите партии, се додава во договорот, ќе го повикаат Уставниот суд што е можно поскоро да одлучува за Законот за СЈО, односно на следната закажана седница.

„Во случај Уставниот суд да одлучи дека Законот за СЈО или дел од него се неуставни, четирите политички партии се обврзуваат дека ќе го услогласат законот со одлуката на Уставниот суд и повторно ќе го формираат Обвинителството, согласно одлуката, во рок од пет дена. Ефикасноста, целите и опсегот на Специјалното обвинителство мора да бидат одржани“, стои во договорот од 20 јули.

Инцијативата за оценка на уставноста и на законитоста на одлуката за поставување на крстот, како што може да се види во агендата на интернет-страницата на Уставниот суд, е 11. точка на дневен ред.

Иницијативата за оценка на уставноста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во општина Бутел во март годинава ја поднесе струшкиот градоначалник Зијадин Села бидејќи, според него, одлуката не била во согласност со Бадинтеровиот принцип.

Иако иницијативата се најде на дневниот ред на судот, нејзиното разгледување беше трипати одложувано.

Поставувањето на крстот, кој е донација на Светскиот македонски конгрес (СМК), кон крајот на февруари и на почетокот на март годинава предизвика тензии откако членови на ДУИ и нивни поддржувачи поставија камп и протестираа против изградба, на што со контрапротести одговори СМК, чиј претседател Тодор Петров беше и физички нападнат дента по свеченоста за осветување на камен-темелникот.

 

МЕТА

Слични содржини