Позитивни реакции за писмото од САС на МПЦ-ОА до БПЦ

од Vladimir Zorba

   Писмото што Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (ОА) го испратил до Бугарската православна црква (БПЦ) во кое бара таа да биде нивна црква-мајка, доколку ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА, предизвика лавина реакции, главно позитивни, кај македонските и бугарските аналитичари.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека ова што сега се прави, е обид Српската православна црква веќе да не биде главен партнер во преговорите, туку да се вмешаат и други православни цркви при што конкретно БПЦ би не признала како автокефална. Според него, македонските владици сакаат да ја искористат и позитивната клима меѓу Македонија и Бугарија што е настаната со потпишувањето на Договорот за добрососедство и во тоа да се вклучи и црковното прашање.

Деканот на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, пак, оценува дека сега конечно се наѕира можно праведно соломонско решение за македонското црковно прашање. Тој посочува дека „на Балканот целото православие е „роднински“ поврзано, а речиси сите современи национални цркви како „мајка“ ја имаат Цариградската патријаршија“.

Според верскиот аналитичар Даниел Димевски, станува збор за уникатен потег прилично различен од досегашното конзервативно одвивање на работите кога станува збор за прашањето за стекнување статус на автокефалност, чекор што може да донесе некои позитивни ветришта од аспект што ние, за жал, сме во ситуација во која нема што да загубиме.

– Можеме да добиеме билатерално признавање од една соседна црква, што во принцип е добар чин, секако е подобра ситуација отколку ниедна и можно е со авторитетот што го има БПЦ евентуално да потегне нога и некоја друга помала црква да пристапи кон следното. Преамбициозно и нереално е да се очекува дека со овој потег ќе се реши проблемот за признавање на автокефалноста, бидејќи вистинската адреса и понатаму е СПЦ, истакнува Димевски.

Дел од аналитичарите во Бугарија по барањето на МПЦ за евхаристиско единство со БПЦ коментираат дека Бугарската православна црква треба да ја искористи историската шанса и да стане мајка црква на Македонската православна црква.

Милен Врабевски, претседател на фондацијата „Бугарска памет“ во изјава за Бугарската национална телевизија, вели дека дека БПЦ треба да го прифати барањето на МПЦ бидејќи, како што наведува, „втора таква шанса ќе нема“.

– Апелирам до бугарскиот патријарх Неофит да заземе позиција на духовен татко и да помисли дека од другата страна живеат наши духовни браќа. Редно е да го поддржи народот во Македонија, изјави Врабевски.

Според него, ако бугарските владици ја признаат македонската автокефалност тоа ќе отвори бранувања меѓу православните цркви заради тоа што тие си постигнаа договор со којшто за признавањето на самостојноста на некоја нова црква треба консензус на сите 14 православни цркви во светот.

За писмото се огласија и специјализираните сајтови за црковни вести во Грција, „Ортодоксија“ и „Ромфеа“. – Македонската црква, која не е признаена од Вселенската патријаршија, но и од ниедна друга православна црква во светот, од Бугарската патријаршија бара да стане нејзина мајка-црква и заедно со неа да се стекне со евхаристиско единство, пишува порталот „Ортодоксија“.

Со сличен коментар е и текстот објавен на сајтот за црковни вести „Ромфеа“. Се споменува барањето од МПЦ-ОА за воспоставување евхаристиско единство и за, како што пишува порталот, „историската шанса патријаршијата да стане мајка- црква, на т.н. македонска црква“.

За писмото и барањата на македонските владици засега нема официјален став ниту од МПЦ-ОА, ниту од БПЦ.

Слични содржини