Без конечен исход заврши и третиот ден од расправата во Собранието за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, а продолжението на седницата спикерот Трајко Вељаноски го закажа за понеделник.

sobranie-impicment

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повторија ставот дека иницијативата на СДСМ е неоснована, додека опозицијата и пратениците од ДУИ повторно нагласија дека Иванов мора да сноси одговорност за одлуката за помилување на 56 политичари и нивни соработници.

Според пратеникот на СДСМ, Бетиан Китев, Иванов, со помилувањето на 56 лица, извршил општ акт на амнестија, со што директно навлегол во надлежноста на Собранието, прекршувајќи го Уставот и истовремено саботирајќи ги Специјалното јавно обвинителство и Договорот од Пржино.

На говорот на Китев реплицираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Пемова, која рече дека Иванов не ги прекршил ниту Уставот ниту Законот за помилување и дека иницијативата на СДСМ е уште еден напад на институцијата Претседател, кој на крајот само ќе доведе до уште поголемо опаѓање на рејтингот на опозицијата.

Пратеникот на ДУИ, Ејуп Рустеми, од собраниската говорница рече дека би било достоинствено Иванов да се појави пред пратениците и да признае дека направил грешка. Според Рустеми, одлуката за аболиција била непромислена и ја продлабочила политичката криза./извор Мета

Слични содржини