Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го осудува инцидентот во кој, како што се наведува во соопштението, вчера беше нападнат пратеникот Амди Бајрам од страна на член на СДСМ.

– Како пратеници и колеги нагласуваме дека остро се спротиставуваме на каков било вид насилство или насилничко однесување врз пратеници или врз кои било други граѓани. Насилство, навреди и закани кон пратениците е веќе видено и добро познато сценарио препознатливо за СДСМ кое докажува како оваа партија ја замислува демократијата, систем во кој ним им е дозволено да се закануваат со насилство, да омаловажуваат и физички да се пресметуваат со сите кои што не мислат како нив, стои во соопштението.

Според пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на слични инциденти од страна на СДСМ македонската јавност беше сведок и на неодамнешните навреди, омаловажувања и закани врз пратеникот Љубица Буралиева, како и вербалните напади и клевети кон пратениците Солза Грчева и Роза Топузова – Каревска.

За насилничкото однесување на СДСМ пример беше, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, и нападот врз претседателот на Собранието Трајко Вељановски на 24 декември 2012 година, кога пратениците на СДСМ извршија физички напад врз Претседател на Собрание на Република Македонија.

– Ќе продолжиме да ги осудуваме сите вакви инциденти на кои се спремни СДСМ, ќе апелираме и ќе ги охрабруваме институциите за нивна максимална заложба и расчистување на случаите. Пратениците се избрани од граѓаните и нивна обврска е да ги бранат нивните интереси, нешто што токму пратениците на СДСМ не го прават во согласност со демократската слобода и лично убедување. Овој чин покажува уште еднаш дека СДСМ се служи со измислување лаги, користејќи гнев и омраза, наведува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини