Со процедурални забелешки и со реплики, главно на пратеници од својата партија, и со вадење дури и сообраќајна дозвола како доказ за двојазичност, денеска тераше  шестото продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која се дискутира за третата точка, односно Комисијата за избори и за именувања. Како и претходните пет продолженија, и денешното почна со препирки за платформата на албанските партии и за двојазичноста, а речиси воопшто не се зборуваше за предложените кандидати.

Прв на седницата, која почна со половина час задоцнување, говореше пратеникот од СДСМ, Илија Николовски, кој рече оти се надева дека треба да се избере нова влада и дека ќе проработи совеста кај претседателот Ѓорге Иванов и ќе го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Граѓаните немаат време да чекаат поделба на субвенции, укинување на радиодифузната такса, немаат време за промени на системот на владеење. Се надевам претседателот нема да прави преседани – рече Николовски.

Одговарајќи на прашање од пратеникот Зоран Илиоски од петокот дали би гласал за геноцид, тој рече дека идниот премиер Зоран Заев ја покажал програмата на новата влада и во неа не се споменува геноцид врз Албанците извршен во Македонија пред и по Втората светска војна.

На тоа се јави Зоран Илиоски со процедурална забелешка и побара Николовски и СДСМ да се изјасни за кој дел од платформата прифатиле, оти многу граѓани кои протестираат го бараат тоа.

– Колегата ме прозва за мојата реплика во петокот. Ако не знае колегата, миниситерот за надворешни работи на Албанија побара платформата да влезе во Уставот на РМ. Побара да се осуди геноцидот и припадниците на борците ќе бидат осудени за геноцид. Знам дека за тоа не би гласале. Би требало да се заинтересирате и да прочитате во таа платформа што се бара. Ако вие како коалиција се залагате за таа платформа, да кажете за кој дел од платформата се залагате, ако не знаете, побарајте Заев да ви објасни дали делот во кој се зборува за геноцид е прифатен од ваша страна – рече Илиоски.

Пратеникот Сурија Рушиди од Алијанса за Албанците побара да се престане со зборување за т.н. тиранска платформа и рече дека е апсурдно да се протестира против јазикот на другиот.

– Ова е шести ден како расправаме за точката на дневен ред, а, за жал, ништо не е кажано за членовите на комсиијата. Се кажаа многу работи, од кои главно за тиранската платформа, законот за јазици. Се придружувам кон пратенците кои побараа да не се споменува терминот „тиранска платформа“. Понижувачки е да се каже дека премиерот на Албанија, Еди Рама, ги фатил за рака и ги однел да потпишат. Албанските партии имаат доволно капацитет сами да донесат одлуки. Не сум слушнал во светот некој да протестира против јазикот на другиот и не сум слушнал со што овој јазик ги загрозува државата и македонскиот јазик – рече Рушиди.

На Зоран Илиоски, кој во повеќе реплики зборуваше за тиранска платформа и за бинационалност, му реплицираше Љупчо Николовски од СДСМ, кој покажа и двојазична сообраќајна дозвола, како доказ дека ВМРО-ДПМНЕ спровела двојазичност.

– Жалам што застанавте во одбрана на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме еден збор за комисија. Волјата на мнозинството се правда, промени и волјата на 700.000 граѓани се промени. Вашиот најголем страв се материјалите, „бомбите“, прислушувањето незаконски направено од оваа криминална банда. Се плашите од мирен трансфер на власта, се плашите од влада која ќе биде демократска и ќе ги донесе бараните промени. За да се демаскираат вашите лаги за федерализација и за кантонизација, ова е сообраќајната дозвола издадена на Македонец во Крива Паланка, каде не живее ни еден Албанец. Ова е двојазична сообраќајна дозвола. Затоа прашајте го Никола Груевски кој ја донесе двојазичноста – рече Николовски.

НА крајот пратеникот Петре Шилегов, со поддршка од 10 пратеника побара да се вратат сите на темата, да се изгласа и комисијата,  и да се работи 24 часа за да се се расчистисе и да се избере претседател.

Веднаш по тоа барање преседавачот  Трајок ја прекина седницата , и воопшто на игнор ги стави и 10 те пратеника и барањето на Шилегов.

Седницата продолжува утре во 11 часот.