Министри и судии бегаат од коментар за аудио-снимките кои сведочат за максимална контрола на власта врз правосудството, провладините медиуми ги покриваат новите сознанија со партиска пропаганда, јавноста чека одговори-пишува DW.


Не е ова спрега меѓу власта и правосудството, ова е доказ дека во Македонија правосудство воопшто не постои. Вакви се главно коментарите во македонската јавност, откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, вчера (15.02) обелодени аудио снимки од разговори меѓу претставници на извршната и судската власт, кои сведочат дека власта договара судски одлуки и именувања на судии и претседатели на судови. Јавниот радиодифузен сервис МРТВ и провладините телевизии прес-конференцијата на Заев ја потиснаа со идентични коментари, но не објавија ништо од посочените разговори. Главната теза беше дека Заев токму со овие снимки докажал дека тие се добиени од странски служби, бидејќи е сигурно дека директорот на УБК не би дал налог самиот да биде прислушкуван. Притоа, потсетуваат дека Заев и самиот потврдил дека нема аудио-снимка од разговор на Груевски и Мијалков.
Лидерот на СДСМ при првото објавување на „бомбата“ рече дека не постои снимка од разговор единствено меѓу Груевски и Мијалков, но дека ги има кога поединечно разговараат со други лица кои биле ставени на прислушкување.

Ревизија на одлуките

Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнел -Македонија, на пат во странство ја дочека информацијата дека со интервенција на министерката за внатрешни работи кај обвинителот Марко Зврлевски, била отфрлена нејзина кривична пријава против министерот за финансии Зоран Ставрески, што ја поднела во октомври 2011 година поради неговата незаконска распределба на 1,3 милиони евра од буџетот за финансирање политички партии.
„Очигледно е дека постои влијание на политиката врз обвинителството. По овие нови сознанија, кривичната пријава против Зоран Ставрески треба да прдолжи да се процесуира, односно одлуката за нејзино отфрлање да претрпи ревизија. Кривично дело сторил и Марко Зврлевски, и тој треба да одговара. Очигледно е дека Ставревски бил загрижен затоа што бил свесен за незаконитоста на неговите дејства“, вели Тасева.

Она што ја фрапира јавноста, е дека и покрај сознанието на Ставрески дека отфрлената тужба е политички, а не правно издејствувана, тој отишол и чекор понатаму: со контра пријава ја тужел Тасева за лажно пријавување, иако и Јанкулоска во разговорот го советува да не го прави тоа.
Обвинителот Зврлевски вчера не беше достапен за коментар на овој случај. Но и оние што се достапни, со индигнација одбиваат да ги коментираат разговорите што ги објави лидерот на СДСМ.

„Има ли потреба од каков било коментар, кога министер за внатрешни работи и директор на тајната полиција ги средуваат сите работи во судството: именуваат, разрешуваат, отфрлаат пријави… И какво предавање сега јас да им одржам на моите студенти, на кои оваа Влада им раскажува прикаски за неопходноста од повисок квалитет на знаење? Ова ли треба да го научат? Како да се ескивира правото во корист на владејачка партија? Се е јасно. И многу гнасно“, вели револтирано професор на Правниот факултет на УКИМ.

„Гробар на правосудството“

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски, вчера не одговараше на телефонските повици. Неговиот разговор со Јанкуловска покажа три нивоа на еден „аранжаман“. Прво, да се среди проблемот со братот на Лина Петровска, член на Судскиот Совет. Второ, како што потенцира Маневски, таа е „џокерот“ што му е неопходен на ВМРО -ДПМНЕ, бидејќи без нејзиниот глас не можат да изберат или да разрешат судија. Трето, за да ја обезбедат на своја страна, освен да го решат проблемот со нејзиниот брат, според Маневски, треба како приправничка да ја вработат и нејзината ќерка.

Воопшто не сум изненаден од тоа што го слушнав, вели адвокатот и поренешен државен јавен обвинител, Стеван Павлевски.

Повеќе ТУКА

Слични содржини