Прегласување во Чаир: Победата се славеше со рафали од автоматско оружје, сега таа виси на конец

од desk4

Се славеше со рафали од автоматско оружје, а сега победата виси на конец. Управниот суд прифати една од желбите на БЕСА поднесени по вториот круг, поради што на едно избирачко место во Чаир ќе има прегласување, информира ТВ24.

Образложението на судот е дека повторувањето на гласањето на местото 2901 би можело да влијае врз изборниот резултат, поради што е доведена во прашање победата на кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу со разлика од 209 гласови наспроти Зеќирија Ибраими од БЕСА

На избирачкото место кое се наоѓа во училиштето „Иднина“ се запишани 719 гласачи, а од нив во вториот круг гласале 278, околу стотина помалку од првиот круг. Од нив за кандидатот на БЕСА гласале 164 гласачи наспроти кандидатот на ДУИ кој освои 98 гласови. БЕСА очекува гласачите од ова избирачко место во недела да ја потврдат поддршката од претходните два круга.

„Не можеме да го предвидиме крајниот резултат, сепак ние работиме на победата. Освен на тоа гласачко место, ние сме во предност со гласовите во тој дел од општината.

Од ДУИ пак во недела очекуваат убедлива потврда на победата од вториот круг.

„Нема да ја коментираме одлуката на Управниот суд. Очекуваме на прегласувањето во недела уште еднаш да покажеме дека победата во општина Чаир убедливо му припаѓа на нашиот кандидат.“

Државната изборна комисија попладнево на седница го разгледа решението на Управниот суд и ја усвои одлуката за повторување на гласањето на избирачкото место 2901 во општина Чаир.

Во извештајот на невладината МОСТ, која ги набљудува изборите, во вториот круг нотираше неправилности токму на гласачкото место 2901 каде едно лице гласало без претходно да биде проверено во избирачкиот список. По гласањето се увидело дека лицето е запишано во избирачкиот список на соседното место. Поради тоа гласањето било во прекин околу 20-тина минути.

Инаку, вкупно 16 жалби поднесоа партиите по вториот круг на изборите. Најмногу, односно 11, тужби против одлуките на ДИК поднесе Алијанса за Албанците, четири поднесе Беса, а една тужба поднесе Народното движење за Македонија.

Слични содржини