Ова се преговори на политички партии вклучени во Договорот од Пржино, затоа не гледам смисла во него да бидат вклучени невладини организации и новинарски здруженија, вели Роберт Поповски, член на работната група на СДСМ во разговорите за медиумската сфера.

robert popovski

Според него, новинарските здруженија треба да лобираат кај политичките партии за да ги застапуваат нивните интереси, но, сепак, политичките партии треба да го завршат процесот на преговарање.

– СДСМ отсекогаш се залага за транспарентност за време на преговорите во работните групи. Затоа, кога ќе бидеме во финална фаза на преговорите, јас ќе барам пауза на секој три-четири часа, за да можам да споделам со јавноста сè што се разговара во преговарачките тимови. ЗНМ беше во преговори со Владата, па сега ние ги исправаме тие закони што ги договориле или кои сакале да ги договараат. Втора работа е тоа дали сите партии се транспарентни? СДСМ се залага за долгорочни решенија во кои медиумите ќе бидат слободни, регулативните тела ќе бидат независни и департизирани – изјави за „Мета“ Поповски.

Новинарите протестираа: „Не во наше име“-бараат вклучување во преговорите за медиумите

Дали новинарските здруженија ќе учествуваат во преговарачкиот процес од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека не зависи само од нив, туку и од другите партии, како и од белгискиот олеснувач.

За Насер Селмани, претседател на ЗНМ, се работи за тоа дали ќе има слободни и професионални медиуми или контролирани пропагандна машинерија во рацете на политичките партии.

– Сакаме пред јавноста да ги прашаме политичките партии зошто се противат на вклучувањето на претставниците на новинарите и на медиумите во разговорите? Што е толку страшно во нивните предлози, што не сакаат да ги споделат со нас и со јавноста. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска пред јавноста да објаснат какви решенија договараат за медиумите – рече Селмани на денешниот протест на новинарските здруженија пред Клубот на пратеници во Скопје.

Инаку, за денеска закажаната средба на работните групи за прашањето за медиумите е одложена за утре. Од извори во преговарачките тимови дознаваме дека се очекува утре да се постигне конечен договор. Од друга страна, пак, Селмани на денешниот протест изјави дека според неговите информации, тешко дека утре ќе има конечен договор.

Од канцеларијата на европскиот олеснувач, Питер Ванхауте, информираат дека денешната средба на работната група е одложена поради консултативни средби за подготовка на конкретни предлози во врска со законите поврзани со медиумите, врз основа на досегашните дискусии со политичките партии и со засегнатите страни.

„Овие предлози ќе бидат дискутирани во работната група во следниве денови“, стои во соопштението од канцеларијата на Ванхауте во Скопје.

Слични содржини