Премиерот Заев на 72. Генерално собрание во Њујорк

од Vladimir Zorba

 – Премиерот Зоран Заев денеска ќе присуствува на свеченото отворање на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

Тој ќе има обраќање на пленумот на Генералната дебата на 22 септември.

Премиерот Заев синоќа присуствуваше на настан организиран од претседателот на САД Доналд Трамп за приклучување кон политичката декларација за реформата на ОН, каде оствари кратка средба со американскиот претседател.

Владиниот кабинет соопшти дека на средбата премиерот Заев изразил поддршка за иницијативата преку Декларација да се поддржат реформите предложени од генералниот секретар на ОН и посакал успешен старт на реформите на организацијата на ОН.

Владина делегација предводена од премиерот Заев синоќа се сретна и со претставници од иницијативата Македонија 2025, со лидерите на Обединетата Македонска Дијаспора и со претставници на Форум за Демократска Македонија.

За време на Генералното собрание на ОН, претседателот на Владата предвидено е да има работна средба и со генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, како и оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со премиерката на Норвешка и премиерите на Малта и Белгија.

Според агендата на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Работната посета на премиерот Заев на ОН и на САД ќе трае до сабота, а во состав на владината делегација се и министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.

Слични содржини