Пресудата на ЕСЧП медиумите треба да ја искористат во заштитата на човековите права

од desk2

Пресудите на Европскиот суд за човековите права (ЕСЧП), претставуваат моќна алатка во рацете на медиумите во остварувањето на нивната контролна улога во општетсвото и посебно контролата над власта

najcevska

Информирањето на јавноста, кога станува збор за пресудите на ЕСЧП, никако не смее да се сведе на просто известување. Суштински елемент на информирањето за пресудите на ЕСЧП претставува нивната анализа и нивното сместување во поширокиот контекст на владеењето на правото и функционирањето на државата. Само на ваков начин медиумите можат да станат дел од комплексната улога на ЕСЧП, во заштита на правата на индивидуите и промотор на решенија кои ќе го намалат повредувањето и загрозувањето на овие права.

Наспроти релативно ограничениот интерес кој вообичаено медиумите го пројавуваат кога станува збор за пресудите на ЕСЧП, пресудата за присилното отстранување на новинарите за време на собраниската дебата (Селмани и останатите против Република Македонија) предизвика поголем интерес кај медиумите:

Во најголем дел од медиумите е дадена кратка информација за пресудата на Стразбур во која се наведува настанот во врска со кој е упатена жалба до ЕСЧП и барем еден од членовите од Европската конвенција за човековите права за кои ЕСЧП мисли дека се повредени. Во помал број медиуми (Вечер, АлфаТВ, СителТВ, Инфомакс, Курир, Дневник, Канал 5, …) на пресудата не ѝ е посветено никакво или, пак, сосема маргинално внимание.

Во дел од медиумите е пренесена изјавата на Центарот за развој на медиуми во која се истакнува дека во пресудата меѓу другото е утврдено дека

е повредено и правото на фер судење, поради одлуката на Уставниот суд да не организира усмена расправа

Оваа одлука, исто така е значаен меѓник во борбата за слободата на изразувањето во Македонија

таа ќе може да се користи за заштита на правата на сите новинари и медиуми во државите што се наоѓаат под јурисдикција на Судот во Стразбур

Во неколку медиуми е пренесена дескрипцијата на пресудата направена од страна на Академик, каде што се дадени делови од пресудата и објаснување на повредите на членот 6 и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Голем број медиуми ја пренесоа изјавата на Здружението на новинари на Македонија во која тие бараат одговорност од страна на Уставниот суд:

Судот ја пропушти историската шанса да утврди едно очигледно попречување на слободата на изразување. Сега е време за соочување со одговорноста. Ако малку останало човечки и професионален интегритет и кредибилитет кај уставните судии, веднаш би поднеле оставка после оваа пресуда.

Во Македонија нема демократски институции кои можат да ги бранат слободата и правата на граѓаните, кога тие ќе се повредат од страна на власта. Ова се покажа со вчерашната пресуда на Европскиот суд за човекови права за случајот „Црниот Понеделник“, кога новинарите насилно беа отстранети од Собранието.

Во врска со пресудата, Селмани подвлече дека ЗНМ ќе иницира средби со институциите, со судовите, со законодавната и со извршната власт, на кои ќе бара постапување во врска со одлуката на Европскиот суд.

Домашните органи треба да се соочат со одговорноста за ова прекршување, треба да изнајдат начин да воспостават механизми во иднина да не дојде до ваков вид на прекршување на човековите права. Тоа подразбира определени нормативни измени којшто ќе воспостават превентивен механизам за да нема ваков вид на повреди во иднина, рече Медарски.

Ваквиот широк дијапазон на различни информации поврзани со пресуда на ЕСЧП претставува позитивен исчекор во информирањето во оваа област, засилување на функцијата на монитори на власта на медиумите и активно вклучување на медиумите во барањето на одговорност за повреди на човековите права и основни слободи од државните институции.

Од исклучително значење е медиумите да не се задржат само на ова, првично, ниво на информирање, туку да започнат продлабочена анализа на пресудата и нејзино искористување во градењето на правниот и институционален систем на државата и поголемата заштита на правата и слободите на граѓаните.

Натамошното читање и анализирање на пресудата на ЕСЧП прво треба да се задржи на барањето искажано од страна на ЕСЧП Уставниот суд да биде третиран како суд (а не како политички орган):

Судот (ЕСЧП) потенцира дека во постапките пред суд од прв и единствен степен (како што е Уставниот суд) правото на “јавна расправа“ подразбира “јавна расправа“ предвидена со членот 6 параграф 1, освен доколку има исклучителни околности кои оправдуваат отсуство на ваква расправа.

Ова барање отвора не само можност да се реагира на секое идно одбивање на судот да се одржи јавна расправа, туку и можност да се преиспитаат сите досегашни ситуации кога Уставниот суд одбил водење на јавна расправа, со што го прекршил членот 6 од Европската конвенција за човековите права.

Третманот на Уставниот суд како суд од прв степен овозможува и поставување барање по принципот mutatis mutandis (принцип на генерална истоветност) да се побара врз уставните судии да се примени одредбата 75 од Законот за судовите според која како нестручно и несовесно вршење на должноста судија се смета

ако е донесена одлука од страна на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на правото на правично судење согласно со членот 6 од Европската конвенција за човекови права…

Вториот елемент кој може да биде од интерес за медиумите е ставот на ЕСЧП дека

Изразот „пропишано со закон“ во вториот параграф на членот 10 (од Европската конвенција за човековите права) не подразбира само применетата мерка да има законска основа во националната легислатива, туку, исто така, се однесува и на квалитетот на законот кој е во прашање…

Оваа формулација овозможува адресирање на проблемот на неправните закони, кои овозможуваат и многу активности на државните органи спротивни на правото да бидат прогласени за законски со што не можат да бидат оспорени пред суд.

Во оваа смисла, ЕСЧП оди и чекор понатаму и го адресира и проблемот или на лажење на властите дека постоеле навестувања за тензии поврзани со дебатата во Собранието, или, пак, отсуство на соодветно информирање и подготовка во ситуација кога се навестени вакви тензии.

…тој (ЕСЧП) забележува дека не добил информација за тоа дали биле преземени мерки и направени подготовки како одговор на тие „најави“, индикации и очекувања.

Трето, и исклучително важно, е дека во целата пресуда, ЕСЧП се повикува на специфичната функција на медиумите да бидат “watchdog“ (куче чувар), што подразбира и такво постапување на државните институции кое нема да ги спречи во остварувањето на оваа функција.

Тој (ЕСЧП) повторува дека улогата на медиумите на „куче чувар“ подразбира посебна важност во ваков контекст, бидејќи нивното присуство е гаранција дека властите може да бидат повикани на одговорност за нивното однесување кон демонстрантите и јавноста во целина кога станува збор за справување со големи собири, вклучувајќи ги методите кои се употребуваат за контрола или растерување на демонстрантите или заштита на јавниот ред.

Медиумите се “кучиња чувари“, а најтежок дел од оваа улога е тогаш кога ги вардат човековите права и слободи од повреди на државата и власта.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини