Претпоследен ден за расправа за ребаланс на Буџетот

од Vladimir Zorba

  Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2017 година ќе продолжи денеска  во 11 часот. 

Владејачкото мнозинство и опозицијата и во вчерашноот трето  продолжение на седницата изнесоа различни ставови за кратењето на средствата од Буџетот.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека со ребалансот се кратат капиталните инвестиции, се намалуваат парите за образование, здравство, полиција и армија и забрзано се вработуваат партиски кадри.

Со ова не се согласуваат од владејачкото мнозинство од СДСМ, за кои единствено се кратат нереалните трошења. Според нив, со ребалансот се консолидираат проекциите според владината програма за живот.

Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.

Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.

Со ребалансот, патните трошоци на Владата и институциите се кратат за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари. Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на домашниот туризам, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.

Расправата за ребалансот на Буџетот почна на 1 август и предвидено е да заврши в недела.

Слични содржини