Претседателот на Кенија и подаде рака на опозицијата и повика на национално единство

од Vladimir Zorba

Претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата и подаде рака на опозицијата и повика на национално единство, откако беше прогласен за победник на силно оспоруваните претседателски избори.

Националната избирачка комисија на Кенија соопшти дека Кенијата освоил втор петгодишен мандат, откако според конечните резултати тој доби 54,27 проценти од гласовите, а неговиот ривал, опозицискиот лидер Рајла Одинга, 44,74 отсто.

– Ние треба да продолжиме да работиме заедно за доброто на нашиот народ и да го зачуваме единството на земјата, изјави 55-годишниот Кенијата во обраќањето до нацијата, по објавувањето на резултатите.

Обраќајќи се кон опозицијата тој изјави дека му подава пријателска рака „на нашиот постар брат“, 72 годишниот Одинга, кој ги оспорува резултатите од гласањето.

– Кенија ни припаѓа на сите нас. Да го отфрлиме насилството, додаде Кенијата.

Во некои квартови на главниот град Најроби и во градовите Накуру, Елдоре и Ниеру приврзаници на Кенијата ја славеа неговата победа, додека во други делови на Најроби, бастиони на опозицијата, како и во градот Кисуму објавувањето на резултатите од изборите беше проследено со бунтови и насилство.

Во квартот Кибдера разлутени приврзаници на Одигна нападнаа и ограбија продавници, кои припаѓат на членови на етничката група Кикујо, на која и припаѓа Кенијата. Полицијата употреби солзавец за да ги растера приврзаници на опозицијата.

Слични содржини