Претседателот на Врховниот суд, Вангеловски, спрема терен во Кривичниот совет за да го блокира СЈО

од Vladimir Zorba

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во петокот по третпат го изменил Годишниот распоред за работа на врховните судии, за само еден месец откако е дојден на функцијата. Вакво своеволно разместување на врховните судии е забрането. Законот за судови вели дека интервенции во Годишниот распоред се прават само ако се наметне потреба заради ажурност во решавањето на предметите, пишува СДК.

По неуспешен обид да ја убеди и врховната судијка Лидија Тасева да гласа за одбивање на бомбите нa опозицијата како доказ пред суд, но и Специјалното обвинителство да не може да поднесува Барање на законитоста на постапката пред Врховниот суд, Вангеловски сега од Kривичниот совет ја извадил и неа. Лидија Тасева, со претходното менување на распоредот на почетокот на април, беше ставена на местото на Лидија Неделкова, која искажа непослушност за предметот на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, кого СЈО го бара со потерница за случајот „Труст“. Само што ја стави Неделкова во Кривичниот совет, набргу по јавното искажување на ставот дека Кочан е предмет на СЈО, а не на обвинителот Марко Зврлевски, Вангеловски со менување на распоредот ја стави во три други совета кои не се занимаваат со кривична материја.

Врховните судии коментираат дека со постојаното менување на Годишниот распоред на врховните судии Вангеловски спрема терен, всушност, преку Кривичниот совет да ги прогласи прислушуваните разговори за неважечки како доказ во кривичните постапки што ги води СЈО.

„Бидејќи виде дека на општа седница, каде што заседаваат и гласаат сите врховни судии, не може да ги помине неговите предлози за блокирање на Специјалното обвинителство, сега Вангеловски ќе ги преточи нив во предмети и ќе ги реши во Кривичниот совет, каде што членуваат тој и уште четворица врховни судии. Така, Вангеловски ќе избегне соочување со сите врховни судии, кои му одбиваат послушност, работата ќе ја реши во Кривичниот совет, со лојални судии“, сметаат врховните судии со кои разговаравме.

Слични содржини