Претставници на ВМРО-ДПМНЕ го утврдуваат профилот на следниот партиски лидер

од desk4

Две недели опозициската ВМРО – ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и неколку приврзаници протестираат со блокада на булеварите низ Скопје, информира АлсатМ.

За исто толку време, односно на 23 декември, партијата ќе одржи вонреден конгрес за избор на нов партиски лидер со што практично треба да се одблокираат внатре партиските процеси и стабилизација на партијата.

Екс министерот Спиро Ристовски, кој се појавува на протестите заедно со Груевски, за „360 степени“ вели дека рано е да се оценува каков треба да биде профилот на следниот партиски лидер и оние со повисок статус во партијата.

„Не можам да давам однапред какви било оценки за да тоа на еден начин не се оцени како извесно профилирање на некого. Напротив, сметам дека делегатите и конгресот како највисоко партиско тело ќе ја донесе најправилната одлука што е во насока на понатамошно продолжување на целокупно функционирање и единството на партијата како клучен фактор за понатамошно функционирање.“ – изјави Спиро Ристовски – ВМРО-ДПМНЕ

За главни претенденти за престолот во ВМРО ДПМНЕ се споменуваат: генералниот секретар Христијан Мицковски, кој се смета за протеже на лидерот во заминување Груевски, но кој нема црни дамки во кариерата, потоа координаторот во парламентот Илија Димовски, кој за предност го има подолгиот партиски стаж и Никола Попоски, кој можеби не би бил прв избор на базата, но би можел да ја извади партијата од домашната и меѓународната изолација. Амбиција наводно пројавуваат и екс – министрите Антонијо Милошоски и Никола Тодоров, а најновата информација е одлуката и на Филип Петровски да влезе во трката за лидерската позиција.

Според Самоил Малчевски, кој беше активен во ВМРО – ДПМНЕ до 2011 – та, смената на лидерското место ќе биде само формална. Тој ја поддржува иницијативата на реформаторите која се обедини со ФРОДЕМ – прво да се смени статутот на партијата, а потоа да се избере нов лидер.

„И за период од 2 – 3 месеци да подготвиме нов Статут кој ќе предвиди демократска процедура за избор на лидер. Тогаш немам проблем на тие внатрепартиски избори да има и 5.000 кандидати, па членството само нека одлучи кој сака да го води. Ако продолжиме да лицитираме со имиња, некои заслужено некои незаслужено се појавуваат во јавноста, тогаш ќе дојдеме само до внатрепартиски поделби и ништо повеќе од тоа.“ – вели Самоил Малчевски – Иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

Ветеранот на ВМРО – ДПМНЕ, Димитар Димитров, во колумна за порталот „Призма“, насловена „И конгресот е Груевски“, меѓу другото, пишува дека Конгресот ќе го избере Груевски, независно дали под тоа или под некое друго презиме. Новиот лидер, кој и да биде тоа, ќе биде пред предизвикот да го демантира Димитров.

 

Слични содржини