Приговори до ДИК поднеле 48 граѓани

од desk2

Четириесет и осум граѓани на денот на локалните избори поднеле приговори до Државната изборна комисија (ДИК) бидејќи ги немало во Избирачкиот список и не можеле да гласаат. Иако ДИК постапила по овие приговори, граѓаните нема да можат да гласаат ниту во вториот круг од локалните избори имајќи предвид дека Избирачкиот список е веќе заклучен. Еден гласач се жалел дека го немало во изводот од Избирачкиот список, а го имало при електронската проверка преку веб алатката на ДИК.

Приговори до ДИК од политичките партии и групи граѓани за првиот круг од локалните избори до претпладнево не се пристигнати, информираат од Комисијата. Вообичаено тие се поднесуваат пред истекот на рокот, во случајов до 19 односно до 24 часот денеска.

Во однос на заштитата на избирачкото право на граѓаните, претседателот на ДИК Александар Чичаковски во саботното интервју за МИА рече дека во Изборниот законик постои одредена неконзистентност во однос на ова право. Тоа, како што посочи тој, се констатира и во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР од претходните избори и се наведува дека претставува неефекисен правен лек бидејќи дури и ДИК да најде основаност не постојат правни средства за да може да биде интервенирано.

– Во случај граѓанинот да не е запишан во Избирачкиот список не постои можност за дополнително запишување во списокот затоа што изборите се спроведуваат со податоци во ИС којшто е заклучен од ДИК. Тие забелешки постојат, истакна Чичаковски.

Во некоја идна фаза по спроведување на изборите, истакна тој, во една поширока дебата во која ќе партицираат поширок број на граѓани и политички партии може да се дискутира за начинот на обезбедување на ефикасен правен лек за оваа категорија граѓани кои поднесуваат приговори за заштита на нивното избирачко право за да може да се обезбеди соодветен ефикасен правен лек.

Чичаковски во интервјуто за МИА потенцираше исто така дека Избирачкиот список претставува добра основа за спроведување кредибилни и фер и истиот е производ на постојната правна рамка и постојниот степен на точност на податоците кои ДИК ги добива од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матични книги, основните судови и други институции./MIA

Слични содржини