Притисокот врз Москва расте: Шведска ќе протера руски дипломати, Исланд ќе го бојкотира Светското првенство?

од desk2

Шведските власти синоќа потврдија дека тие ќе бидат 14-та земја членка на Европската унија која ќе протера руски дипломати.

„Обидот за убиство во Солсбери е многу поголемо прашање од билатералните прашања помеѓу Обединетото Кралство и Русија“, порача шведскиот премиер Стефан Лефен, потврдувајќи дека Шведска ќе протера еден дипломат на Русија.

Шведскиот премиер истакна дека неговата земја очекува Русија да им одговори на прашањата на Британците и целосно да соработува со Организацијата за забрана на хемиското оружје.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск изјави вчера дека 14 земји членки на Европската унија ќе протераат руски дипломати. Руските дипломати се протеруваат поради случајот со труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал на териоријата на Велика Британија – нешто за што Лондон го вперува прстот во руските власти.

Одлуката да протераат руски дипломати, покра САД, Канада, Украина, Велика Британија и Шведска ја потврдија следниве 13 земји членки на Европската унија: Германија, Франција, Полска, Литванија, Чешка, Италија, Холандија, Данска, Летонија, Естонија, Романија, Хрватска и Финска.


Во меѓувреме, Исланд привремено ги суспендираше билатералните контакти со Русија, а оваа информација покрај исландската влада ја потврди и рускиот амбасадор во таа земја. Се шпекулира дека доколку Москва не соработува и не ја признае вината во врска со Скрипал, Исланѓаните би можеле и да го суспендираат учеството на нивната фудбалска репрезентација на Светското првенство во Русија кое што се одржува токму оваа година.

Исто така, претходно и британските медиуми најавија дека можно е англискиот Фудбалски сојуз да донесе одлука за повлекување на репрезентацијата од Мундијалот ова лето.

Слични содржини